ЈАВЕ НА ВЕКОВНИОТ СОН ЗА ДРЖАВА

70 ГОДИНИ ОД АСНОМ

Slavco Koviloski istoricarМакедонскиот народ отсекогаш тежнеел кон остварување на своите права за слобода, демократија, рамноправност меѓу сите граѓани во својата земја, но и надвор од неа. Овие стремежи придонесоа за појава на два Илиндена. Првиот, олицетворен во Крушевската република од 1903 година, а вториот во ликот на АСНОМ од 1944 година. Всушност, преку Илинден 1903, Македонецот ја покажа својата дрважотворност, додека пак, преку АСНОМ 1944, таа државност беше реализирана во практика.

АСНОМ е реален производ на долгогодишните борби на македонскиот народ за создавање своја сопствена држава. Востанието од 11 октомври 1941 година, кренато во Прилеп, претставува првиот чекор во реализирањето на долгогодишниот сон. Со Првото заседание, одржано во манастирот Св. Прохор Пчински, потврдена е правната положба на Македонија како рамноправна федерална членка во Демократска Федеративна Југославија. На заседанието присуствувале 115 делегати од трите дела на поделена Македонија. Го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Сепак, изборот за претседател на Президиумот паднал на Методија Андонов – Ченто, трговец од Прилеп. Неговиот лик, толку оспоруван во минатото, директно влијаел врз донесувањето на повеќе правни документи со кои формално-правно била верификувана реалноста дека најпосле е создадена македонска држава. Но, заслугите на Прилеп и прилепчани во создавањето на македонската држава не се само во кревањето востание во 1941 година и во дејстувањето на Ченто. Не се забораат ниту Ѓорче Петров, Пере Тошев и останатите револуционери од Илинденскиот период. Не се заборава ниту современикот на Ченто и  истомисленик за борбата за ослободување на трите дела на Македонија, Кузман Јосифоски – Питу, кој бил еден од предводниците на антифашистичката борба.

Pocit za vtemeluvcot na makedonskata drzavnost - Metodija Andonov - Cento IMG 3655На Првото заседание на АСНОМ биле усвоени неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои Прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт во Македонија, денес оживотворени во Народното собрание на Република Македонија, потоа Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава, Решение за прогласување на 2 август (Илинден) за народен и државен празник на македонската држава и Декларацијата на АСНОМ за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. Во Декларацијата се наведуваат 11 точки според кои сите граѓани на македонската држава се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи ја нивната народност, пол, раса и вероисповед. Декларацијата е  потврда за големите човечки (хуманистички) капацитети на Македонците, кои во тие бурни времиња донеле толку демократски закони, какви што немало во дотогаш многу постари држави кои навидум ја пропагирале демократијата.

Во еден пасус од Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ се вели: “Уште повеќе зацврстете го единството на целокупниот македонски народ… единството, кое ти овозможи создавање на македонската држава, единството, кое ќе ти ја сочува таа држава!”. Ови зборови денес се уште повеќе актуелни и дека треба да се водиме во нашата заедничка цел, опстојување и просперитет на македонскиот народ и држава.

Loading