СОМБОР – ВЕЧНА ЕНИГМА

Историја

Во сезоната 1965/66 Победа беше на прагот од Првата лига на Југославија, но, на три кола пред крајот во второлигашкото првенство, го загуби клучниот меч од Раднички во Сомбор. По водството преку Боро Клашев од 0-1, доживеан е пораз од 5-1 и оттогаш досега без одговор е прашањето: Што се случи? Во весниците изјави даваат голманот Славчо Гически и тренерот Никола Радовиќ.

– Сами се победивме, сами си ги дадовме сите пет гола, а можевме да примиме уште 15. Игравме против 16 противници, оти петмина наши како да го носеа дресот на Раднички – низ солзи зборувал Гически.

– Некои фудбалери свесно бојкотираа. Сметката е јасна, ако влезевме во Прва лига, за нив требаше алтернација – сметал Радовиќ.

Паднал предлог за строга казна. Колку што изнесувала сумата за награда, толку да е ударот по џебот – 200 илјади динари. Тие денови Прилеп бил најтажен фудбалски град, а Победа ја споредувале со будилник кој рано заѕвонил, а брзо замолкнал.

Loading