ВЕНЧАНИЦА ОД СОНИШТАТА

Бутик за венчаници Димитриј

Polna idei za nevestinski fustani  - Aneta Mirceska“Еве невестински фустани!” Тоа се зборови од деца од по 4-5 години кога ќе поминат покрај бутикот за венчаници Димитриј. Секоја девојка од мали нозе го сонува изгледот на моментот кога ќе биде невеста, кога ќе го каже судбоносното “да” и ќе заплива во брачните води. Секоја жена има аспирации да зрачи од гламур за свадбата, да предизвика воздишки, да личи на принцеза од бајките во прегратките на саканиот.

Мечтите стануваат стварност во Димитриј. Имагинацијата се прави реалност со моделите создадени од вештите раце на сопственичката Анета Мирческа. Го открила талентот од 16 години. Во импровизирана домашна атмосфера, со машина за шиење на маса, ја создала првата креација од љубопитност и мерак да  сошие нешто.

– Поради бројноста на фамилијата, им сошив фустани на сите блиски, гледајќи модели од Бурда – кажува Мирческа за почетоците.

“Бизнисот” тргнал од рака со огромен труд и користејќи ја креативноста.

– Идејата за шиење венчаници ми дојде спонтано. На некои потенцијални невести, за кои шиев свечени фустани, им недостасуваше венчаница за “главниот момент”. Така се пројави желба за подготовка на свадбени фустани. Тоа обединуваше две задоволства – да создавам профит и на невестата да í го направам среќен мигот на венчавањето со модел по нејзин избор – објаснува Мирческа.

Низ трнливиот пат од домашната работилница, стасала до  дуќан во чаршијата, првин за свечени модели, а подоцна за венчаници.

– Почнав со седум венчаници од “својот извор”. Со сенс за уникатност и трудољубивост се одржувам во бизнисот десет години. Дури и напредувам со преселба во поголем дуќан – вели таа. 

Raskosen asortiman na vencanici vo DimitriМоделите се разликуваат од останатите со прецизноста и идеите за декорации. Навидум покласични модели, но специфични во некои посебни изработки, како везови и украси, ги прави невестите оригинални и единствени, кога се облечени во венчаниците од Димитриј. Епитетот “многу убаво шие” се одржува со зборот, “ќе ти биде сработено и кога фустанот е порачан во последен миг”.

– Користам американска свила, сатен, органдин, тафт, чипка која како детал е најзастапена во секоја венчаница. Материјалот може да долови елеганција, аристократски белег и раскош – вели  Мирческа.

Нејзините раце се вешти за плетење, везење на некој детал или некој дел од корсетот или фустанот. Предизвик í се покомплицираните модели досега не креирани. Среќна е што невестите имаат доверба и  í дозволуваат да ја развие имагинацијата во создавањето на нов модел по нејзин избор.

Мирческа претендира дел од продукцијата да ја извези, за што веќе има воспоставени контакти.

Инаку, во Димитриј и се изнајмуваат венчаници. Некои сметаат дека венчалниот фустан за една прилика и не вреди големи давачки. За други, тоа е единствен момент и не се штеди за да остане спомен од свадбата. Муслиманската популација повеќе купува поукрасени и поскапи венчаници, а помалку изнајмува.

Loading