Фудбал
Летото е најпогоден период за трансфери и дел од фудбалерите ја бараат среќата во доброрангирани клубови. Од прилепчаните, одличен трансфер направи Марјан Радески, кој од скопски Металург, премина во белгиски Гент. По сличен пат тргнаа и двајца првотимци на Победа, Ренато Момироски и Новче Ацески. Првиот е на проба во Чешка, вториот во Хрватска. Кога станува збор за Победа, се очекува да остане околу 80 отсто од играчкиот кадар и да се приклучат на првиот собир кој ќе биде наскоро.
Барани се и играчите на 11 Октомври. Иако овој тим прерано отпадна од Втора лига, стручнаците знаат дека фудбалерите се талентирани и перспективни. Дел се повикани во кичевскиот второлигаш Напредок, а други се цел на прволигашот Турново. Се споменуваат имињата од најмладиот голман Ѓ. Јованоски, капитенот Дунимаглоски, бранителот Кукески, за врска Б. Спиркоски и напаѓачот Никовиќ. Сите индивидуално тренираа и се подготвени за предизвик.
Скоро ќе има епилог, зашто Првата лига стартува на 3 август, а Втората на 9 август.