Шах: Државно екипно првенство во Струга
Остварена е победа над Карпош, а пораз од Битола
Кога повеќето спортови се на летна пауза, активности има во шахот со Државното екипно првенство во Струга. Наместо осум, учествуваат шест екипи, а во таква ситуација нема страв за отпаѓање на ШК Прилеп. Тоа е шанса за што подалеку од дното и претензии кон средината на табелата. Настапуваат ИМ Тони Кироски, ФМ Душан Стефановски, Дејан Ѓорѓиески, Горан Готовуша, Кире Николоски, Ѓорѓи Котески, Марјан Дамчески, Зоран Конески и Благоја Дамески. Стартот беше добар со триумф од 3,5-2,5 над Карпош со победи на Готовуша и Николоски, реми на Ѓорѓиески, Котески и Дамчески. Сепак, во второто коло е загубено пелагониското дерби со 2-4 од Стево Патако Битола, кога единствената победа ја постигна Дамчески, а ремизираа Готовуша и Котески.
Директно влијание за конечниот пласман имаше третото коло и дуелот со Куманово, завршен со очекуван резултат 3 – 3. Според силата на ривалите, мали се шансите за поволен исход во последните две кола, вчера со Алкалоид, денеска со Гамбит, двата скопски кандидати за титулата. Алкалоид прво го растури со 5-1 Битола, а потоа со 4-2 Куманово. Страшен е составот со осум велемајстори, од кои тројца Украинци, плус двајца интермајстори. Во Гамбит се двајца велемајстори од Бугарија, плус двајца интермајстори и четворица фидемајстори. Прво со 4,5-1,5 го совладаа Куманово, потоа 5-1 Карпош.
Има прилепчани и во другите екипи. Во Алкалоид настапува ВМ Звонко Станојоски кој имаше победа и реми на првите две кола, а во Карпош е ФМ Роберт Велески, кој почна со две победи, втората голем подвиг над осморангираниот од 55 учесници, бугарскиот велемајстор Петар Арнаудов.
Следи поединечното
Веднаш по завршувањето на екипното, следат подготовките за поединечното првенство на Македонија, 23-то по ред. Таму се очекува уште поголема неизвесност во борбата за титулата, сопственост на ВМ Влатко Богдановски. Од прилепчаните државни шампиони досега беа еднаш ИМ Тони Кироски и четирипати ВМ Звонко Станојоски.