Со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции објавуваме продолженија од новелата Летото на Елена од авторот Наташа Мирческа
– Ана, ти не си паметна! Во никој случај не би го прифатила, а камо ли да му го простам тоа.
– Ако навистина го сакаш и немаш избор. Зар би го оставила што неколку ноќи минал со друга жена која единствено успеала да го “запали”? Кратко го направила малку повеќе важен и мажествен…? И тој нурнал во и за него непознати, повозбудливи води. Поради своите принципи, ти ќе í го отстапиш како играчка што може да ја задржи, а за противуслуга ќе се уништиш, потиснувајќи ја својата љубов и барајќи нова иста таква со стопроцентна можност. Дури си жива таква пак нема да најдеш.
– Филип, мене никогаш не би ме повредил така!
– Ако добро се чува за да не го “фатиш на дело”. Чинот на неверството и не може да те повреди, ако ти некогаш случајно не дознаеш за него, нели? Дури не знаеш, е во ред, но ако дознаеш…?
– Ќе го заборавам, ќе го избришам од животот… ќе го мразам…
– Верувај ми, не е така. Ако го сакаш, работите се комплицираат.
– Ако го сакам? – рече гласно Елена, триејќи го челото со рацете… Сигурно го сакам, дури повеќе отколку себе си.
– Елена, мора да одиш по него.
– Нема шанси.
– Елена, можеш бесмислено да го загубиш.
– Нема да го молам да се врати… Ако ја сака повеќе работата, ете му ја, нека ја работи!
– Мораш ситуацијата апсолутно да ја расчистиш. Неизвесноста само ќе ја влоши.
– Ќе чекам.
– Што? Да се врати? Било кога, без оправдување? Што ако некоја таму на некој начин го сака, го има, му ја убива осаменоста и на крајот го прави барем малку среќен?!
– Ана, не можам тоа да го направам. Цената е превисока.
– Цената ќе биде и премногу висока, ако останеш сама со гордоста. Еден мора прв да попушти, што не значи дека е победен. Веројатно битката се води до последниот здив…
– Да ме сакаше, немаше да отиде…!
– Ако го сакаш, а велиш дека го сакаш, зошто и ти не отиде со него?
– Ана, мислам дека претера! Како можеш да ме прашаш такво нешто кога знаеш какви обврски имам со хотелов, сезоната почна – викаше Елена доста раздразнета и нервозна.
– Девојко, во прашање е твојот брак, твојата љубов, твојата, или уште подобро, вашата иднина. Кому му е грижа за хотелов? Сезоната ќе помине и без тебе…
– Повеќе не сакам да те слушам ниту за ова да разговарам со тебе – луто Елена í се обрати и излезе на терасата од апартманот.
Ноќта беше прекрасна. Топла со многу ѕвезди и многу желби. Срцето í играше во градите. Ü се причини дека и месечината може да го слушне како силно и забрзано í тропа. Помисли дали и Филип може да го чуе. Се обидуваше да ги потисне чувствата кои í го брануваа телото. Толку многу í беше потребен. Почувствува како и Ана излезе.
– Прости претерав – í рече тивко – ужасно ми недостасува, се плашам.
– Вети ми – í рече Ана – дека добро ќе размислиш, а потоа, без разлика кој ќе биде твојот дефинитивен став, ќе го најдеш и лично ќе му го соопштиш?
– Нека биде така – безволно потврди Елена.
Големиот ѕиден часовник отчука два удара по полноќ. Елена уште беше будна. Уморно се превртуваше по големото француско легло, обидувајќи се да заспие. И во седмата ноќ, по заминувањето на Ана, не можеше да најде мир. Со неа, некако, не се чувствуваше осамено. Сега остана повторно сосема сама. Самотијата ја убиваше. Беше толку депресивна што ни летото ни најлудата идеја што ќе í паднеше на памет не беше доволна да ја отргне помислата на Филип која ја опседнуваше. Не палејќи светло се доближи до прозорецот. Од свежиот воздух í затрепери телото. Се потресе. Гледајќи го хоризонтот што беспрекорно се спојуваше со водата и небото, вниманието í го привлече младата двојка, која држејќи се за раце шеташе по плажата. Таа со долга руса коса што í го прекриваше струкот, а тој висок и строен како бор. Чекореа бавно. Морето им ги топеше стапалата со пенливиот плисок. Тој ја прегрна. Како змија девојката го изви своето тело околу него. Неговите раце ја замрсија нејзината коса. Болно Елена ја загриза својата рака. Би дала сé во овој миг да ги почувствува силните и топли Филипови раце. Следеше бакнеж, кој на Елена í си причини дека трае со часови. Беше далеку, но ја почувствува нивната среќа. Тие, едноставно, толку многу имаа потреба еден за друг. Тие беа полни со љубов. Заминаа трчајќи. Елена остана покрај прозорецот. Одеднаш здивот í запре. Стомакот како да í се преврти. Низ главата како да í помина воз. Морето како да се отвори. Ритамот на брановите силно го сечеше маж кој во своите прегратки носеше жена, кревајќи ја доволно водата да не може да ја стигне. Го попречуваше. Мавташе со нозете, со рацете го туркаше наназад. Не можеше да го сопре. Како елен одеше низ водата. Ѕвездите го отсјајуваа задоволството на лицето. Ја спушти на влажната песок, бакнувајќи í го вратот. Прстите í се испреплетија во густите црни кадри на неговата коса. Брановите ги плакнеа нивните тела.
– Филипе! – крикна Елена.
Потрча силно без здив низ големата тераса по скалите што водеа кон плажата. Неверојатно брзо ги мина шестте ката и сета во солзи стоеше на плажата. Се обѕрнуваше околу себе, сакајќи да ги види нив. Немаше никој. Немаше апсолутно никој. Тука беше морето, небото, плажата и… таа сама.
Беше речиси пладне кога замина. Го спакува она што мислеше дека í најнеопходно. Жештината не í сметаше, зашто срцето í беше многу студено. Искрата надеж, скриена зад темните очила за сонце, ја водеше напред.
“Можеби и не задоцнив многу”, мислеше Елена.
Синоќнешното доживување како да ја прелеа чашата. Чувствата ја надвладеаа гордоста. Знаеше дека ова е единственото решение. Кога веќе тргна кај Филип, единствено се плашеше за времето.
“Што ако е премногу доцна?” – по илјадити пат се прашуваше.
Напуштајќи ја магистралата и завлегувајќи во внатрешноста се чувствуваше сé понесигурна. Малку требаше да ја промени насоката. Помислата уште на многу осамени дни и ноќи ја влечеше кон целта. Се паркира на големиот паркинг простор пред имресивното здание каде требаше да работи Филип. Беше изненадена од неговата стакло-метал комбинација, која како да ги допираше облаците. Неколку минути седеше во автомобилот, внимателно разгледувајќи ја околината. Неочекувано í се допадна тоа што го гледаше пред себе.
(продолжува)