ДАНИЕЛ ГО ЗАПАЛИ ПИВСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Сношти почна четиридневниот празник на пивото

kajmakoskiГрадот гори во пивски “оган” на 12-тото издание на Пивофест. Факелот на славата на пивото кој ќе гори до в недела вечер го запали градоначалникот Марјан Ристески, кој на посетителите им посака луда забава. Збувна врелата малиганска атмосфера со песната на Даниел Кајмакоски, ѕвездата на Х-фактор, групата ЈОКЕ и Американците Тхе Тоастерс. Импресивната сцена со екрани и монитори, со квалитетниот моќен звук ги лулаше посетителите, не остави никој нерасположен. Ведрината, задоволството и забавата без граници на првата фестивалска вечер покажаа дека престојат три дена за пивска еуфорија.

Мераклиите на пивото ги празнеа криглите една по друга, замезени со специјалитети на скара. На штандовите на пиварниците и нивни дистрибутери се пееше и се танцуваше рок и диско, чочек и оро, додека река ведри и насмеани лица течеше од сите страни, окупирајќи го секое парче од центарот. Градот клокотеше во пивска “треска”, без да се најде место игла кај да се фрли.

– Ладното точено пиво е мелем за разладување. Ни легнаа криглите и не знаме колку се на број. Само редиме чаши, мезиме и празнуваме. Нели е празник на пивото. Му се поклонуваме на пивото, а пенливиот пијалок ни е со расположение. Веќе сме во пивски транс, па ќе се забавуваме до мугри  – велат дел од гостите.

Локалната самоуправа спремна ги дочека првите гости. Место ќе има за сите кои ќе посакаат викендов да го минат во веселба на штандовите на пиварниците и угостителите.

– Сместувачките објекти се полни. На сите им порачуваме со волја да уживаат во слатко-горчливата пивска пена, да не се штедат и да се ослободат од стегите, зашто во Прилеп исчезнуваат нервозите, с’клетите, маките и проблемите. Пивото е хигиенски препарат за наталожената негативна енергија, зашто е полно со Б витамини – објаснија организаторите.

Се очекуваат околу 350 илјади посетители, од целиот Балкан, како и нашите иселеници по светот да бидат дел од четиридневната фешта.

18.07.2014 петок

1. КУД Етнос – Австралија – 20 ч.

2. Тијана и Тамара – 21 ч.

3. Игор Џамбазов & Гурѕ Харе Банд – 22 ч.

4. Владо Јаневски – 23 ч.

5. Хладно Пиво – 24 ч.

19.07.2014 сабота

1. КУД Австралија – 19 ч.

2. Жаре Бербер – 20 ч.

3. Евто Пупиновски – 21 ч.

4. Тони Цетински – 22 ч.

5. Модна ревија Васидора – 23 ч.

6. Јелена Розга – 24 ч.

20.07.2014 недела

1. Урош Туркулов – 21 ч.

2. Маид Хачимовиќ – 22 ч.

3. Емина Јаховиќ – 23 ч.

4. Жељко Самарџиќ – 24 ч.

Loading