Етно ресторан Мир
Надвор од градската врева на околу шест километри на патот кон Вештачкото езеро се најдува етно ресторанот Мир. Свиен како зелено големо гнездо во подножјето на крошните на огромните ореви се препознава реставрираниот објект во автентична старомакедонска архитектура, својствена за селските куќи пред столетија. Низ зеленилото, распослано на седум декари со водени содржини, фонтани, водоскоци и декорации, се открива природно красно катче за неколкучасовно уживање во специјалитетите на неколкуте мајстори на кујната.
Сопственикот го крена бизнисот пред три години. Поради квалитетот и неповторливата понуда, ресторанот веќе создаде имиџ и е претворен во примамливо место за густирање на стари македонски јадења, отсутни од менијата на класичните угостителски објекти. Идејата била да се создаде место со пријатен амбиент, каде гостите не само што ќе густираат дел од заборавената македонска гастрономија, туку ќе вкусат и печива што ги преферираат и помладите генерации, како што се пиците.
Ресторанот е карактеристичен по екстериерот, градбата на објектот со камен, стари дрвени греди, покрив со камени плочи и турски ѓерамиди. Располага со голем затворен дел и уште поголема бавча. Местото е родено за бегство од летните горештини и претставува рај за очите, но и за стомакот. Низ разладувањето на лисјата од стеблата, во кујните се подготвува нестандардна понуда на храна. Од друга страна, сé што се готви е печено во една од двете фурни на дрва, а скарата е исклучиво на жар.
– Специјалитет се печени ребра и коленици во фурна, сом во котле, селско солено од каче што се нуди зимно време и свеж крап, одгледуван во малиот рибник, кој може и гостинот да го улови и веднаш да му биде подготвен на разни начини. Месото за подготовка најпрвин се одбира, па се подготвува, оти не излегува саглам јадење од секој “материјал”. Гостите треба да почувствуваат вкус што никогаш не го доживеале за да се вратат пак на нашата софра. Тоа е мотото на куќата, за чии дел од специјалитетите е нужна најава за подготовка – вели сопственикот.
Привлечноста на угостителскиот објект ја прави комоцијата. Масите не се блиски една до друга. Гостите не смеат да се туткаат и да им се наруши комодитетот со тесен простор. Широчината и распоредот на масите на поголемо растојание, овозможуваат интима на гостите. Веќе е подготвен и поголем простор под отворено небо, под дебелите сенки на оревите, за летни свечености, за одбележување на радости, родендени, свадби, крштевки, дипломски и слави. Најнова атракција, покрај комотниот паркинг, е и катчето за најмалите. Сопственикот поставил нишалки и други детски реквизити, гостите да се чувствуваат слободни, а децата безбедни и задоволни од широките можности за различни игри.
Мешавината на природната живописна средина и урбаните ситни елементи навечер, во викенди, се зачинува со пријатни тактови на музика за уво. Мераклиите на ресторани во природа секако нема да одолеат да ја пробаат понудата и да станат заложници на храната подготвена во ресторанот Мир со пристојни цени.