В четврток започнува 12-тиот Пивофест
Победникот на годинашното издание на “Х фактор”, Даниел Кајмакоски со едночасовен настап ќе го отвори 12-то издание на најмасовната и најпопуларна манифестација Пивофест на која се пие пиво и јаде скара додека може стомакот да издржи, а забавата трае до раните утрински часови. Стартот е в четврток на 17 јули. Судејќи според реакциите на големиот број обожаватели кои го пречекаа Даниел Кајмакоски при неговото прво доаѓање во Прилеп, повеќе од сигурно е дека ќе биде топ на првиот ден од Пивофестот. Еден час пред доаѓање пред зградата на Општината, имаше над стотина негови фанови кои му се нафрлија правејќи “селфи” со мобилните и добивајќи автограми. Дека е популарен меѓу младите, се покажа и по завршувањето на средбата со новинарите, кога тинејџерките не ја напуштаа окупацијата на општинската зграда, а ливчињата со пораките ги оставаа и на неговиот автомобил “Мини Купер”.
– Се спремам интензивно за тој настап и едвај чекам. Интернационален пејач сум. Ќе има сигурно песни што сум ги пеел на “Х фактор”, ќе има нови, ќе има македонски песни. Можеби ќе направиме нова верзија на композицијата што ја исполнуваме со Жељко. Ќе ги почестам посетителите со тоа што најдобро го знам и најдобро го можам. Ќе дадам сé од себе – изјави балканската ѕвезда, Даниел Кајмакоски.
Општината, која е организатор на најголемата пивска журка, потврди дека има сенс за актуелност и трендот присутен на музичката сцена. Почитувајќи ги сите музички вкусови, за првата фестивалска вечер го испланира и настапот на ска – бендот ЈОКЕ од Франција, за потоа на сцената да ги видиме сестрите Тијана и Тамара. После нив е групата Тоастерс од Америка. Полноќната забава е подредена за љубителите на техно забавата, а ќе настапат ДЈ Настиа Золото од Украина и Фирст Ентертаинмент од Хрватска. Во петокот, на 18 јули, ќе настапи фолклорно друштво, за забавата да продолжи со Игор Џамбазов, Владо Јаневски и на крајот од вечерта бендот од Хрватска, Хладно Пиво. На 19 јули настапуваат македонската фолк легенда, Ефто Пупиновски, потоа хрватската звезда, Тони Цетински. Ќе има модна ревија на текстилниот бренд Васидора, а финалето е резервирано за атрактивната Јелена Розга. За кулминацијата на пивската фешта, во неделата на 20-ти јули планирани се ѕвездите на Х- фактор, Маид Хачимовиќ и Емина Јаховиќ, по што ќе пее поп ѕвездата Жељко Самарџиќ.
Забавата оди со добро пиво и вкусна скара. Организаторите очекуваат на 12-от Пивофест околу 300 илјади посетители од земјава и од странство за сите фестивалски денови и да се урнат рекордите во пиење пиво и јадење скара.
– Ќе функционира и пивскиот туристички воз 4 дена. Ќе се вози и пивскиот велосипед, како уште една своевидна атракција низ градот. Ќе има бесплатен кампинг на Паркот на револуцијата, пред сé многу забава, квалитетна скара и врвни пива. Сѐ е подготвено за претстојниот фестивал. Ќе има доволно простор за паркирање на сите возила што ќе влезат во градот, каде што сѐ ќе биде во знакот на Пивофест. Имаме доволно капацитет да ги примиме сите гости, а еуфоријата сѐ повеќе се чувствува за фестивалот – вели градоначалникот Марјан Ристески.
Водител на четиридневниот фестивал ќе биде Игор Џамбазов.
Недела без градски
Поради Пивофестот ќе паузираат една недела градските автобуси. Од ЈП ПУП, во чии рамки е градскиот сообраќај, информираат дека сите автобуси нема да се движат од вторник 15 јули до вторник 22 јули, поради неможноста автобусите да ги сменат релациите при забранет сообраќај во централното градско подрачје, каде ќе бидат поставени штандовите на угостителите и пиварските компании на фестивалот на пивото.