Компанија Комфи ангел
Текстилната компанија за производство на постелнина Комфи Ангел ќе ја слави десетгодишнината во август и септември со неколку хуманитарни акции. Хуманитарниот карактер на прославата има аспирација да ја поткрене свеста за општествената одговорност и работниците да помогнат на оние на кои им е потребна помош. Во прославата ќе се инволвира и менаџментот, за сите да направат добри дела и да остават белег за општествено одговорна компанија.
– Во август, со Црвениот Крст ќе донираме по едно детско јорганче за сите деца во сите градинки, детски домови и болници со детски одделенија во земјава. На станарите во старскиот дом ќе им подариме делови од производствената програма. На луѓето од домот за стари лица ќе им се подарат и книги во соработка со Библиотеката, а работниците еден ден ќе им читаат фрагменти. Во септември, дел од вработените на амбасадата на Велика Британија и дел од работниците од компанијата ќе се дружат во природа со децата со специјални потреби. Истиот месец, во соработка со локалната самоуправа, 500 работници ќе подготвуваат колачи, што ќе се продаваат на плоштадот за симболична цена, а средствата ќе се насочат за одредени хуманитарни цели – вели менаџерот на фирмата, Ирена Јакимоска.
За десеттиот роденден ќе се отвори нов погон за производство на специјални заштитници за душеци. Паралелно ќе се набават три нови линии за перници и јоргани за да се зголемат капацитетите и да се одговори на зголемената побарувачка на европските купувачи.