Томе Петрески е единствен производител на народни инструменти
– Со дарба за слух, искуство и љубов создава песнопојни инструменти кои го зачувуваат и афирмираат фолклорното наследство
Го остави јагнешкото крзно и ножиците и го грабна кавалот да засвири 57 годишниот мајстор на народни инструменти Томе Петрески. Од неговите вешти раце со алат создаваат гајди што ечат, зурли што р’скаат, кавали што милуваат, тапани што грмат. Пет колена вирее традицијата на Петрески во изработката на народни инструменти. Занаетот го наследил од татко му Орде, кој се гордеел дека “неговиот ученик” бил подобар од него, дури и од дедо му. Томе е на залезот на занаетчискиот сој. Тој е последниот гранка што венее, зашто ќерките немаат мерак да го продолжат семејната традиција од дедо прадедо.
– Марифетот е во дарбата за слух и искуството. Мајсторилак е тонот да се истантели, да се хармонизира низ материјалот и инструментото да вади кадифен звук. Дрвото, главно е зеленика, која треба да е сува ко трат. Ако е влажно, ќе се извитка и не ќе дава сладок тон. Со провизорен пристап се чуручи занаетот и не се прават по музичките норми А, Б и Д – вели Петрески.
Со тага објаснува дека се ретчат гајдиџиите, кавалџиите, тапанџиите, зурлаџиите од година во година, оти и кај Македонците во дијаспората, кои се најголеми купувачи, исчезнува носталгијата за родниот крај пренесена преку народните инструменти. Младите не се интересираат, да ги имаат ниту ни за сувенири.
– Занаетот ќе го одржувам додека ме држат рацете, без разлика на побарувачката. Неодамна продадов еден кавал на нашинец кој живее во Шведска. Пред тоа ме побара за кавал некој од Беломорска Македонија, ама не ме најде дома. Тоа е сé. Ги турнав кепенците на дуќанот што ја негуваше семејната подлога од столетие. Работам дома по малку, а под два – три инструменти продававам за еден пазарен ден. Танталова мака е животот и одржувањето на фамилијата од производство на ретки древни инструменти. И малкуте овчари веќе не умеат да свират. Можеби ќе побара некој пред фестивалот на народни песни и инструменти “Пеце Атанасоски” во Долнени – се надева Петрески.
Од дете, чекор по чекор, ги откривал тајните на занаетот. Првин бил чирак кај дедо му, па калфа кај татко му, а сега одвреме навреме “везе” инструменти, како уметник, трпеливо и умешно.
– Научив со гледање. Но, нужна е првин љубовта, истрајноста и чувството за прецизност. Вештината е на дрвото да му се даде душа. Тоа да живее и да создава тонови за радост и среќа – вели Томе.
Открива дека зурлите пеат како птици, ако се создадени од цреша и јавор, кавалите од цреша и зеленика, а гајдите од зеленика.
– Парчиња дрво земам од Македонски Брод. Колку што е постаро дрвото, толку од него излегува поавтентичен тон. За кавалчето, најважен е протокот на воздух. Гајдата треба да “спие”. Носечка е кожата од шилеже или од јаре. Треба добро да се обработи и штави. Не ја бива, ако не се саглам писките и бучалото, кои порано се правеа од биолски рогови. Башка е кожата, за тапан треба тенко дрво, а не пластика, кака некои што ги прават. Неприордните не го даваат автентичниот ритам – кажува Петрески.
Народните инструменти разнежнуваат, го галат срцето и ја крепат душата. Од тоновите небаре извираат зборови и се лее музичка приказна која го пренесува бујното фолклорно наследство и македонскиот идентитет.
Петрески не памети колку гајди, тапани, зурли и кавали создале неговите рапави прсти. Се гордее што со народните инструменти го враќа времето и влијае за зажувување на традицијите, особено на нашите во Канада, Австралија, Европа… Дури и гајдата на прославениот македонски гајдаџија Пеце Атанасоски, со која “жнеел” награди, е дело на прилепскиот мајстор.