Со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции објавуваме продолженија од новелата Летото на Елена од авторот Наташа Мирческа
Елена стоеше крај прозорецот отсутно гледајќи во далечините. Модрата боја на водата секогаш ја смируваше. Се чини овој пат нивната длабина не беше доволна да го смири нејзиното вознемирено срце. Не ја сакаше многу пролетта. Секоја година одвај чекаше таа да замине и што побрзо да пристигне летото. И годеше топлото сонце, умееше со денови прекрасно да се забавува и на врелата песок и во морската шир. Уживаше во џагорот на плажата. Ги посматраше лицата на годишноодморците и се веселеше и тагуваше со нив. Може да се рече дека дури премногу ги сакаше луѓето. Нејзината најголема желба, да стане психолог никогаш не се оствари. Беше една од трите ќерки во фамилијата и токму нејзината умешност во комуницирањето со луѓето беше пресудна нејзините токму неа да и го доверат фамилијарниот бизнис. Долго размислуваше дали да прифати. Ја сакаше и таа работа и веруваше дека ќе успее и да го заврши факултетот. За жал, многу брзо увиде дека згреши, но враќање немаше. Оваа пролет некако се издолжи. Дождовите како да немаа крај. Елена уморно се испружи на креветот. Во главата и бучеше. Немаше сили и понатаму да се противи на одлуката на нејзиниот сопруг. Слушна како доаѓа кај неа. Посакуваше да замине таа, а не тој. Ги стави перниците преку главата, надевајќи се дека тоа ќе му биде доволен знак да не продолжува со расправијата.Сепак Филип овој пат одеше до крај.
– Елена, те молам, сфатиме барем еднаш – и се обрати, влегувајќи во спалната соба. Зарем јас немам никакво право на моите амбиции? Разбери, ова ми е шанса, вистинска прилика!
– Филипе, доста беше за денес. Јас кажав…
Филип í ги тргна перниците од главата. Го гледаше со големите зелени очи. Се обиде да ја бакне.
– Ова воопшто не може да ти помогне – рече, оттурнувајќи го од себе. Смачено ми е од твоите обиди да ме натераш да заминам одовде. Кому да му ја оставам работата? Да го продадам хотелов?… Не доаѓа предвид… На крајот… и воопшто не ни оди лошо.
– Целата работа е во тоа што јас ќе добијам работа.
– И овде работиш.
– Ќе бидам унапреден, ќе бидам шеф…
– Убеди го сегашниот твој шеф дека си подобар од него и земи му го местото.
– Иронијата чувај си ја за твоите гости.
– Моите гости не се твој проблем! – му рече Елена, станувајќи од креветот и одејќи кон вратата.
Филип ја спречи во намерата да излезе од собата. Ја држеше цврсто за раката.
– Ова мора да го решиме веднаш. Немам повеќе време.
– Пушти ме, ме боли!
Филип и ја пушти раката. Остана потпрен на вратата. Беше бесен, нервозен, лут. Со рацете помина низ својата густа црна коса. Дишеше длабоко.
– Елена, да се обидеме нормално да разговараме уште еднаш? – се обиде повторно да ја смири ситуацијата. Во очите на Елена како да трештеа грмотевици. Застана пред него. Неколку минути се гледаа немо.
– Ако ме сакаш…, остани овде – Елена речиси прошепоти, гледајќи право во неговите очи.
– Ако ме сакаш дојди со мене – í рече Филип.
Во собата стана премногу тивко. На местото каде им се случуваа најубавите и најлудите нешта во нивниот 20 годишен брачен живот како да почна да паѓа прашина.
Се плашеше да ги отвори очите. Надвор врнеше. Последните 5-6 години секогаш беше проблем унапредувањето на Филип. Освен тоа би рекла дека и немаа некој друг проблем меѓу нив. Веруваше во можноста тој да биде префрлен на подобро работно место во внатрешноста, но многу повеќе веруваше дека Филип тоа не би го прифатил по никоја цена. Вистина, им беше добро тука. Живееа во поткровјето на шесткатниот хотел од висока А категорија. Апартманот беше огромен. Имаше 4 спални соби, библиотека, голем салон, две по мали кои им беа наменети за случајни или намерни гости, две бањи… И тој и таа не го сакаа баш мебелот во класична смисла, уживаа во просторот, па така малкуте, но со вкус одбрани потребни работи за нивниот дом беа навистина интересна и ретка комбинација во која едноставно можеше да се ужива. Елена ги отвори очите, се чувствуваше празно. Погледнувајќи ја празната страна на креветот си ја поткаса долната усна. Стана полека и почна да ги отвора плакарите и фиоките каде што стоеа работите на Филип. И тие беа празни. Очите и се наполнија со солзи. Застана пред прозорецот. Гледаше како врне. Беше скршена и повредена. Човекот кој единствено го сакаше во својот живот, замина без збор. Човекот кој го сакаше и со кој живееше цели 12 години можеби и воопшто не ја сакал. Го прекри лицето со своите дланки и почна да плаче додека не почувствува дека од неа се исцеди и последната капка солза наменета за Филип.
Сезоната почна. Летото како да се распосла на пространата песочна плажа пред хотелот. Гостите веќе пристигаа и Елена беше задоволна. Затскриена зад големиот платнен шатор со сламена шапка на главата, очила за сонце и едноделен костим за капење уживаше секоја година да ги гледа насмеаните и задоволни лица на своите гости летувалци. Ова лето веројатно сите ќе бидат најмногу одушевени од големиот тобоган кој наликуваше на грозд. Срцето и се полнеше кога виде како и возрасните и децата му се радуваа на тобоганот. Кога виде дека сепак никој прв нема храброст да се спушти по него, детинесто потрча да им се придружи на летувалците. Боса, трчајќи по ситната песок ги фрли очилата и сламената капа и речиси без здив се искачи по скалилата низ силен врисок, препуштајќи му се на необичното задоволство што го нудеше тобоганот. Им се зеде стравот на гостите, кои не чекаа повеќе… Морската вода ја освежи. Елена се чуствуваше одлично. Грабејќи ги брановите посакуваше чувството никогаш да не ја напушти. Пливаше долго, знаеше дека ќе биде уште едно долго топло и успешно лето. Задоволно се испружи на лежалката, барајќи со поглед од персоналот. И требаше освежување и очигледно мораше да си донесе самата и само што неволно зачекори да стане некој и го засени сонцето.
– Ана! – изненадено извика и силно ја прегрна жената во црн костим за капење што стоеше пред неа. Зошто не ми јави дека доаѓаш? Каде се другите?
– Јас не сум ти доволна? – се смееше Ана задоволна што убаво успеа да ја изненади својата сестра.
– Не ве очекував ниту ова лето. Навистина ме изненадивте – радосно и се обрати Елена. Ме интересира само како успеавте да се договорите и да дојдете.
– А кој ти рече дека дојдовме “ние”, драга сестричке. Елена чудно ја погледна: Сама си?
– Како птица. На ваше располагање цели 4 седмици. Ти одговара?!
Елена и Ана повторно се прегрнаа, среќни што се гледаат по речиси три години.
– Да одиме да се средиш – í рече Елена.
– Остави го тоа за подоцна. Те гледав додека пливаше. Ти недостасува кондиција – ја лутеше Ана.
– Никогаш не си успеала да ме натпливаш.
– Немој премногу да веруваш во себе. Овојпат тоа нема да ти успее – í одврати Ана, веќе трчајќи кон водата.
Елена смеејќи се и даде фер предност, а потоа потрча по неа.
(продолжува)