Историја
Најжешкиот јуни е во 1966 година, кога Победа до претпоследното второлигашко коло се бори за пласман во Првата лига на Југославија. По триумфот дома со 3-1 над нишки Железничар, не само градов, туку и цела Македонија е во еуфорија. На стадионот “Гоце Делчев” доаѓаат навивачи од Битола, Кавадарци, Неготино, Крушево, Ресен, Охрид, Штип, Скопје…
– Навиваме и од срце ја сакаме Победа. Формиравме секција на навивачи во градот – изјавил Пецо Иванов од Кавадарци.
Иако за скопјани се мисли дека го сакаат само Вардар, тоа не било точно со оглед на групата верни симпатизери на Победа, кои во недела доаѓале со воз, а предводник бил некој бербер Даре Бошковски. Истото важи за битолчани, а меѓу нив најпознати кои душа давале за Победа се шнајдерот Боге Кузмановски и судијата во Окружниот суд Битола, Васко Журовски.
– Навивам од 1948, а три години сум почесен член во управата на Победа – истакнувал Журовски.