ЕКОЛОШКИ И ТЕРМИЧКИ ФАСАДИ

ЕКО ДИЗАЈН

Biznisot nametnal zivoten stil - Goce Siljanoski menilЈубилеј од 20 години на мала фирма за услуги во градежништвото е своевиден подвиг, особено во времиња кога преку ноќ банкротираат и никнуваат нови мали претпријатија. Но, фирмата Еко дизајн на Гоце Силјаноски е една од ретките која успеала да се одржи на бурното стопанско небо каде владее силна конкуренција и не ретко сосема лојална, а тоа е доменот на внатрешното уредување, бојадисувањето, поставувањето на еко и термоизолациски фасади со зголемена енергетска ефикасност и гипс-картонски ентериерни решенија. Но, Силјаноски, еден од првите приватни бизнисмени, кој наместо лебот да го бара како градежен инженер во државниот сектор, смело се втурна на немирните води, не стравувајќи од ризиците што ги носи бизнисот. И денеска кога прави рекапитулација, кога ја враќа лентата назад за две децении кажува дека имало пријатни и тешки моменти. Сепак, не се жали, туку жилавоста му се претворила во стил на живот, подреден на бизнисот. Трајната борба за опстанок, со чесност и домаќинлак и со стремеж за постепен внимателен напредок му се животна и бизнис девиза.

– Приватниот бизнис директно со луѓе секогаш е под притисок и напор, без да се знае што е ден што е ноќ, што е сабота или недела, што е лето или зима, што е делник или празник, што е одмор или работа. Буквално сé е подредено да се задоволат желбите на муштериите, да се погоди вкусот и навреме квалитетно без забелешки да се реализираат преземените обврски. Поинаку не се опстанува во силната битка со ривалите кои демнат од сите страни, не секогаш со коректни и фер понуди, туку со доведување на муштериите во заблуда. Е, тоа кај нас го нема. Нема ниту грам, ниту мисла, ни милиметар да се изигра муштеријата, затоа што, тој што плаќа не знае да греши, па, и тогаш кога во јајцето бара влакно – вели Силјаноски за приодот во бизнисот и стандардите за прогрес веќе 20 години.

Позитивниот пристап му е водилка, макар што низ патот на бизнисот наидувал на многу пречки и тешкотии. Особено со работниците кои често не сакаат да бидат ангажирани за редовно вработени, поради ангажманите со тутунот и примањата на социјална помош.

– Бизнисот, лете е во експанзија, но, поради сезонскиот карактер, зимно време, така речи, паѓаме на нула. Затоа за седум – осум месеци треба да се заработи за 12. Тендерите за јавните фирми паѓаат, бидејќи сме мало претпријатие. Понекаде сме дел или подизведувач – вели Силјаноски.

Објаснува дека за новите градби би требало, законската регулатива да се синхронизира со нормите за енергетска ефикасност.

– Последниве години сме ориентирани на гипс-картонски внатрешни уредувања. Ретки се новите објекти, а главно се реновираат стари домови со термофасади и абрихти. Со изолациски вложувања се доведуваат во штедлива состојба. Тоа е можеби малку поскапо, но парите се враќаат со ефикасноста. Никој нема да зажали, особено поради тенденциите на раст на цените на огревните извори на енергија. Но, бадијала е да се дотерува фасадата, ако дограмата не се смени. Комлетната термо- изолација на фасадата чини околу 20 евра од метар квадратен или за една просечна куќа се потребни 6-8000 евра, ако се гради со просечен квалитет на материјалите. Заштедите се најмалку 25 отсто или за температура од 7-8 степени плус – објаснува Силјаноски.

Има перспектива градежништвото, зашто претстои период на вложувања во енергетски ефикасни градби. Исчезнува постепно скепсата кај граѓаните и влегуваат во инвестиции за штедење. Има простор за повеќе фирми, особено со поволните кредити со пониски каматни стапки за таа намена кои ги даваат банките.  

Loading