Карате: Членките на Ронин со сребро од Универзијада
Втор медал за Јованоска, Спиркоска и Матракоска, по ланското злато
Навикнавме на успеси од каратистките на КК Ронин, а последниот е само продолжување на континуитетот. На Светското универзитетско првенство во Бар, Црна Гора, ката тимот Поликсенија Јованоска – Зорица Спиркоска – Марија Матракоска, претставувајќи го Универзитетот “Свети Климент Охридски” од Битола, освои сребрен медал. Трофејот е вреден колку и ланскиот, кога злато беше освоено на Европското студентско во Будимпешта.
Патот до финалето беше според посакуваната ждрепка. Во горна група беа Турција, Црна Гора, Белорусија и Иран, а во долната Македонија прво коло слободна, во второ го чекаше победникот од Русија со Мексико. Таму Русинките поразени со 2-3 и Мексико излезе ривал, но нерамноправен, со оглед на супериорноста на нашите студентки, кои го добиваат дуелот со високи 4-1. Понатаму се очекуваше новиот противник. Црна Гора победи 3-2 над одличниот Иран, потоа уште еднаш со Турција, но потоа домаќинот загуби од Белорусија. Така, во финалето се сретнаа Македонија – Белорусија.
Како и секое финале и овде одлучуваат нијанси. Нашите даваат сé од себе, но истото го прават и ривалките. Судиите прогласуваат со 4-1 победа на Белорусија, што е голем успех за Македонија. Поразот е од најдобрите, екипата која во Тампере, Финска, на Европско сениорско освои трето место. За среброто на ката тимот од Ронин со тренерите Елизабета и Златко Димоски стигнаа честитки од сите страни, а имаше и прием кај ректорот на УКЛО, Д-р Златко Жоглев.
– Успех на Македонија, која како мала држава преку каратето е во врвот на Европа и светот – истакна Жоглев.
Македонија освои четири медали, покрај среброто на Јованоска – Спиркоска – Матракоска, уште злато на Јакупи, сребро од машки тим и бронза на Павлов.
Финале за Димоски
Во Бар се покажавме и со одлично судење. Таму Златко Димоски доби признание за објективното делење правда и на крај беше главен арбитар во финалето на машките ката тимови. Во борбата за медал се сретнаа гигантите Јапонија и Египет.
![]()


