Фотографијата е од дел од булеварот, кога се уредувал парче по парче. Центарот се дотерувал по социјалистички терк со широки улици со послани со гранитни коцки, ограничени со зелени огради, цвеќе и дрвја. Архитектите, кои се броеле на прсти, дојдени од Белград, не умееле да ја развијат фантазијата, туку притиснати од комунистичките лидери правеле само плагијати за уредување налик на градовите во социјалистичките земји. Со нивни амин се уривале старите градби на занаетчиските дуќани, од кои денес нема ниту еден да сведочи за задржување на автентичниот изглед на старата чаршија. Паѓале во прашина плитарените ѕидови, се уништувале кепенците, зајдувале занаетите од “нападот на современието врз изветвената цивилизација”. На просторот на денешниот Булевар со плочник во пепел исчезнале дуќаните на стотина мајстори да се протегне улица како писта за “век и веков”.
Единствено што е создадено по капиталистички модел, според кажувањата на починатиот инженер Илија Рочески, е липовиот дрворед на Булеварот, што сега исчезнува стебло по стебло, а бил копиран од виенскиот парк Пратер. Тогашниот млад инженер успеал да ги кандиса локалните моќници да го ограничат булеварот со липови стебла и центарот малку да мириса на западен дух, по тогашните мерила. Така никнало и шеталиштето, односно корзото од двете страни, така се наредиле повеќе станбени објекти …