Од 17 до 20 јули, Пивофест по 12-ти пат
Позната е програмата за годинешното, 12-то издание на најголемиот фестивал на пивото и скарата кој ќе се одржи од 17 – 20 јули во нашиот град. Шоуменот Игор Џамбазов ќе биде водителот на вечерната програма со која ќе се забавуваат гостите, а во чии рамки ќе настапат познати македонски и балкански имиња. Ќе има забава за сите возрасти и музички вкусови.
Стартот е на 17 јули, во четвртокот со настапот на ска – бендот ЈОКЕ од Франција, за потоа на сцената да ги видиме сестрите Тијана и Тамара. После нив е групата Toasters од Америка. Послеполноќната забава е уредена за љубителите на техно забавата, а ќе nastapat DJ Nastia Zoloto од Украина и First Entertainment од Хрватска. Во петокот, на 18 јули, ќе настапи фолклорно друштво, за забавата да продолжи со Игор Џамбазов, Владо Јаневски и на крајот од вечерта бендот од Хрватска, Хладно Пиво. На 19 јули ќе пее македонската фолк легенда Ефто Пупиновски, потоа хрватската ѕвезда Тони Цетински. Ќе има модна ревија на текстилниот бренд Васидора, а финалето е резервирано за атрактивната Јелена Розга. За кулминацијата на пивската фешта, во неделата на 20-ти јули планирани се ѕвездите на Х- фактор, Маид Хечимовиќ и Емина Јаховиќ, по што ќе пее поп ѕвездата Жељко Самарџиќ.
Освен пивата на Прилепската и Скопската пиварница, кои одбележуваат 90 години постоење, ќе има и други пијалаци за гаснење на жедта. Градоначалникот Марјан Ристески најави и годинава беспрекорно организирање на бесплатен кампинг на Паркот на револуцијата, а за посетителите ќе има и годинава гратис утринско кафе или чај.
Локацијата на пивските штандови останува непроменета, на булеварот “Гоце Делчев”, каде ќе бидат сместени и скараџиите кои ќе мамат со првокласните и надалеку познати кебапи.
Од 17 до 20 јули сите ќе бидат на скара и пиво во Прилеп.