ТОП ИЗВЕДУВАЧИ ЗА ЗАБАВА СО ПИВО И СКАРА

Од 17 до 20 јули ќе се одржи 12-тиот Пивофест

Уште се тајна имињата на забавувачите на најголемиот фестивал на пивото и скарата “Пивофест”. Организаторите ќе ги обелоденат имињата на прес конференција, на која ќе појават и други детали за пивската журка од 17 до 20 јули. Дознаваме дека не се постигнати финални договори со дел од балканските ѕвезди за чиј настап се шпекулира. Засега, наводно, потврдени се Емина Јаховиќ Сандал, Јелена Розга, Жељко Самарџиќ, Тони Цетински и “Хладно Пиво”. Се пеглаат договорите со Данијел Кајмакоски и Ана Николиќ. Кои ќе бидат дефинитивните забавувачи од домашната и странската естрада, ќе се знае наскоро. Едно е сигурно дека најпознатиот балкански Фестивал на пивото ќе предизвика уште еден рекорд на посетеност.

Четири вечери ќе се јаде скара, ќе се пие многу пиво, кое ќе “лизга” со избраната музика. Годинава посетителите очекуваат многу изненадувања и интересни понуди и од Прилепската пиварница, која  го одбележува 90 -тиот роденден.

Бината ќе биде традиционално пред Комерцијална банка, а “освежување” на амбиентот ќе се постигне со реновираната фонтана и збогатеното осветлување на плоштадот Александрија.

Штандовите на пиварниците, како и масите и столиците на рестораните ќе бидат на Булеварот. Советниците дадоа согласност за локациите за угостителите и дистрибутерите на пиво. 

Loading