ИДИЛА ВО ФРИЖИДЕР НА ТРКАЛА

Захаринка и Ненад Милосавлевиќ бегаат лете од метрополата

Уметничките души со прилепски корени купиле приколка да ги уживаат пензионерските денови во полето близу селото Мало Коњари

Senka od paprati na pragot Nenad i Zaharinka MilosavlevikЕчи народната песна Мома Катерина во пелагонискиот шир кај Мало Коњари низ музичкиот танц на славеите во појасите и низ опојот на ливадското цвеќе. Гласот ја гали и мајката – природа. Комплетен спој и хармонија Тенџерчето си го нашло капачето. Цутовиот дар и мискојна со милозвучноста на тоновите од грлото на пеачката, чиниш прават рај. Фолклорните акорди го треперат полето со тутун. Тоа е гласот на  интерпретаторката на народни песни во пензија Захаринка Вртаноска Милосавлевиќ. Со својот сопруг, актерот Ненад, свија летно брачно гнездо сред поле во потрага по сенка и во бегство од скопскиот пеколен асфалт. По неколку месеци се предаваат на раскошот на полски декор, што ги плакне очите и го полни срцето. Наместо модерната урбана средина на метрополата, брачните сопатници одбрале да им биде летен дом адаптираната голема камионска приколка, фрижидер. Ја чувствуваат како палата, оти “домот на тркала” со зеленилото околу ги восхитува во третото доба. Ја поставиле на дел од нивата од татко му на Ненад, не само да  огледуваат разновиден зеленчук по неколку стебла, туку да се релаксираат во штедрата околина. Бавчата им е задоволство, им лежи подготовката на храна од чисти незагадени средини. Со силна доза на љубов ги садат, ги прашат, ги копаат, ги наводнуваат пиперките, доматите, брокулата… Сакаат да направат салата или да зготват нешто од пресно, скинато природното зајре. Растенијата ги негуваат. Следат како растат и напредуваат плодовите, изникнати од коренче и сработени со сопствените раце.

Приколката располага со 35 м2 површина со дневна соба, кујна, трпезарија, спална, бања и тоалет. Живеачката на колца што не се движат им е лесна, оти имаат струја и вода. Плус се блиску до цивилизацијата. На неколку километри се од градот.

На уметничкото семејство Милосавлевиќ им ја храни душата мирот и тишината, разбиени со песната на врапчињата и по некој трактор, кој со тутунарите расадува тутун. Не се изолираат од светот, туку времено “крадат убост” да ја арчат зиме во урбаната џунгла на главниот град каде живеат речиси пет децении.

Домаќинот Ненад вели дека имотот од десет хектари бил од татко му. Местото му ги враќа спомените на лудориите од младоста. Се сеќава дека неговата фамилија лете работела бавчи, одгледувала добиток и живина, се паселе и молзеле крави, а до град патувале со чеза, влечена од коњ. 

– Прилепчанец сум. Сите другари ми се тука, освен некои што појдоа “на оној свет”. Едноставно ме лепи местово, оти е Божја убавина. Тука сум четири – пет години лете, како сакам да дооткријам нешто “сокриено” од младешките години. Како да  има уште неѕирнати “тајни”. Во Скопје се “задушувам” од тесно. Овде е неспоредливо широко, небаре бескрајно. Имам и таму викендичка покрај реката Треска, ама овде е “нашиот свет”, со незаменлив и неодолив хоризонт, со светлина и сончевина што ме ослободува и ме прави сосема безгрижен. Мераклија сум за кампување, па приколката е еден вид супституција за камперскиот тертип на одмор. Откако сум пензиониран, доаѓаме со невестата да “прајме” бавча. Одгледував и кокошки, но веќе ги нема. Имав и кутлук. Ранев и гулаби. За друштво никогаш не сум бил сиромашен. Сакав куќа да правам, ама излегоа многу пари. Златко Москов ми ја продаде приколката, а сега сум со ниет да се препокрие трошната куќа за да доаѓам зиме, да бркам лезети, и да палам пампур. Имам и плац на островот Вис во Хрватска, ама таму е далеку и не одиме – кажува Ненад.

Прилепски му е коренот на некогашниот актер од Драмскиот театар, познат и од филмовите создавани во ЈУ продукцијата. Објаснува дека заминал од родниот град за Белград на Академија, па се вратил во престолнината на земјава да го “оправа” театарот. Откако го завршил работниот век пак го влечела родната грутка, оти крвта не е вода, а околината на градот му е како свето место.  

Bajka v pole na Milosavlevik– Не сме аскети. Комфорно живееме. Ги имаме сите услови, од вода, струја… Се дружиме. Ме викаат другарите на викендичките кај Маркова чешма. Прекрасно е, се пие по некоја чашка ракија, се фрла по некое парче месо на скара… И зиме се живее, оти приколката е термички изолирана и е топла, а ладна како визба лете. Ја загрева поставениот клима уред – вели Милосавлевиќ.

За понежната страна на семејството, Захаринка, просторот е поле широко, убавина како Срем.

– Местото е тивко. Блиску е до Прилеп, дури и поблиску од населбата “Ѓорче Петров”  во Скопје каде што живееме, до центарот. Автобус нé пренесува за 30 денари. И да се скараме двајцата, нема кој да нé слушне. А времето не нí посметува, дали е сончево, облачно, дождливо… Имаме засолниште удобно, со ТВ, ер кондишен… со сите нишани. Иако денот е “година”, не се стасува. Сé, нешто се најдува. Се коси и собира тревата, се копа бавчата, се дотерува околу бунарот,  палам оган на пампурче надвор за да зготвам нешто. На електричното шпоре или на плинското подготвена манџа не е така вкусна како на дрва да крчка. Печам зелник, месам кори, сучам… Си најдувам работа – кажува Захарица.

Нејзе í е омилена локацијата, бидејќи роднините í се во градот. Тука í се братот, едната сестра, а другата во Шабац со која се слуша на телефон, потоа тетките, братучедите…

–  В поле потпевнувам, кога ќе пуштат некоја песна убава на радио или на телевизија. Слушам Радио Холидеј. Се смеам на глас на духовитата реклама за систем капка по капка. Имам време и за пишување. Ме инспирира природата да пишувам за моите баби, со кои сум израснала, за приказните кои сум ги слушала за времето во кое живееле… Сите се пренесувани од различен аспект. Едната беше песналија и можеби го носам нејзиниот ген. Едната беше Влаинка од Крушево, но не нé научи да зборуваме влашки. Умешна беше да прави илачи и мелеми за неарни.  Можеби ќе се објави нешто од моето творештво за семејството за да остане на хартија една семејна реликвија за нашите потомци за моите деца, внуци… да прочитаат, да осознаат какви им биле корените, како живееле нашите предци кажува Захаринка Вртаноска Милосавлевиќ секогаш насмеана, полна со оптимизам и ведрина на прагот на осмата деценија од животот.

УМЕТНОСТА РОДИ БРАК

Љубовта кон уметноста ги поврзала Захарица и Ненад. Се знаат од деца, од членувањето во драмската и пеачката дружина во пионерскиот дом.

– Сакав да пеам, да играм и да учествувам во детски и младински претстави, па и куклени. Се играа Оливер Твист, Доктор Мешло, Чекор планина… Се сретнавме со Ненад и познанството прерасна во љубов, која се круниса со брак, од кој имаме ќерка и син и внуци. Веќе 48 години пливаме во брачните води – кажува Захарица.   

Loading