ПЛАНИНАТА ГИ ДЕЛИ БРАЌАТА

30. Мариовско-мегленски културни средби

Tri decenii se neguva tradicijata vo MariovoЕден од двајцата мегленци што пристигнаа на 30-ите Мариовско-мегленски културни средби беше и Ристо Причков од Пожарско. Неговото срце ќе препукнеше од радост зашто се виде со своите браќа по сој, кои живеат од другата страна на границата, а со кои се сретна на манифестацијата што се одржа во манастирот Свети Илија во близина на Витолиште, во Мариово.

– Првпат доаѓам овде. Многу се израдував дека се сретнавме со наши браќа. Ако воздушно сме многу блиски, и една планина не дели, требаше пет часа да патуваме. Треба овие средби да нé доближуваат – вели Причков од Меглен, Грција каде се 1300 жители, сите етнички Македонци.  

Токму среќавањето на жителите од двата региони Мариово и Меглен е целта на манифестацијата која ги собира и раселените мариовци кои одамна го напуштиле родното огниште и по подобар живот заминале во околните градови или пак во белиот свет. Веќе три децении на иницијатива на Здружението на Мариовско-мегленските културни средби, а со помош на локалната самоуправа, се организира манифестацијата со која се негува културата и традицијата. 

– Меглен и Мариово ги дели вештачка граница, а од двете страни живеат етнички Македонци. Настојуваме да го задржиме идентитетот на средбите. Соработуваме со фолклорни здруженија од Грција и Бугарија, а не недостасува ниту научноистражувачката работа. Организирани се пет научни собири и издадени пет зборници – вели Стојан Ѓуроски, претседател на Здружението Мариовско-мегленски културни средби.

На манифестацијата присуствуваа и децата бегалци од Егејска Македонија, кои пристигнаа со автобус од Скопје. Културните средби придонесуваат за руралниот туризам и афирмација на регионот.

– Се негуваат културните традиции и мариовскиот регион се промовира како вонреден потенцијал за културен туризам со придобивките кои ги нуди чистата животна средина – вели градоначалникот Марјан Ристески.  

Се одржа и богата културно-уметничка програма со настап на повеќе културно-уметнички друштва и членови на Друштвото на писатели на Македонија, кои учествуваа на конкурсот распишан од Здружението Мариовско-мегленски културни средби.

СОБИР НА 500 ВЕЛОСИПЕДИСТИ

Покрај културно-уметничката програма, се одржа и велосипедска трка  низ природните терени, а пред која велосипедистите кампуваа во селото Манастир.

– Стигнаа околу 500 гости. Имаме две нови дисциплини: планинско трчање и планинарење. Првпат сме домаќини на  гости од балканските простори, од Хрватска, Србија, Косово, од Бугарија и Грција.  Го промовираме Мариово како туристичка дестинација – вели Горан Трајковски, претседател на Вело Европа.

Организатор на трката е Здружението за унапредување на велосипедизмот Вело Европа од Скопје со поддршка на ЛС.

Loading