ЌЕРКАТА ПРЕД МАЈКАТА

ivce1Постои едно растение чие име гласи ПОДБЕЛ. Спаѓа во редот на лековитите билки. Латинското име гласи tussilago farfara. Има широки лисја кои личат на коњско копито. Во некоја книга за лековити билки (на српски јазик) сме го сретнале народното име “Ќерка испред мајке”. Преведено, тоа би значело “Ќерката пред мајката”. А зошто така? Во рана пролет, во март месец, лисјето уште неразвиени, непојавени, се појавува, на висока дршка, убав жолт цвет. Значи, уште пред да се роди мајката, се раѓа ќерката.

На ова не потсети еден настан што го видовме на некоја од нашите телевизии. За што станува збор? Во Свети Николе ќе се градела фабрика, некаков погон, за производство на печурки. Додека политичарите симболично го ставаа камен – темелникот, зад нив се гледа голема табла на која пишува ПЕЧУРКАРА! Значи, фабриката уште неизградена, грешката е веќе родена. Како она – “Ќерката пред мајката”.

Секој става имиња како што ќе му текне. Вакви имиња, (се разбира погрешни) во Прилеп сме се изнаслушале – СТОЛИЧАРА, СИРЕЊАРА, ЧОРАПАРА… Повеќепати сме пишувале за ваквите грешки. Затоа, сега ќе се задржиме сосема кратко за тие неправилности. Именки, образувани од именки со наставка АРА не постојат во нашиот јазик. Таквите именки кои означуваат место каде што се извршува некакво занимање, имаат наставка НИЦА – БЕРБЕРНИЦА, МЛЕКАРНИЦА, КНИЖАРНИЦА и други такви. Со наставката НИК се образуваат именки што означуваат лица според некое занимање – ПАТНИК, РАБОТНИК и други. Значи и именките со наставка НИЦА и оние со наставка НИК, се добиени од именки: МЛЕКО – МЛЕКАРНИЦА, ПАТ – ПАТНИК, РАБОТА – РАБОТНИК. Под силното влијание на српскиот јазик мошне често (погрешно) се употребува наставката АРА. МЛЕКО – МЛЕКАРА, КНИГА – КНИЖАРА, ПИВО – ПИВАРА и така натаму. Според правилото во нашиот јазик, сиве овие наставки (АРА) се погрешни. Но, практиката силно, пресилно, ги наметнува. И што да се прави сега? Институционалната грижа за јазикот кај нас е мошне мала или поточно, никаква. Кога би се водела поголема грижа, кога би се укажувало од поодамна и почесто за овие грешки, поинаква ќе ни беше состојбата. Но, сега е ваква каква што е. Правилото вели едно, практиката тера на друго. Изгледа дека тешко ќе можеме да се одбраниме од ваквиот напад. Но, барем до некаде можеме и мораме да се спротивставиме. Можеби, сепак, ќе може и во нашиот јазик да се најде определена основа за употребата на наставката АРА. Но, тоа треба да се бара. Во денешнава ситуација именките ЗЛАТАРА, КРЗНАРА, и сл. тешко дека ќе ги направиме ЗЛАТАРНИЦА и КРЗНАРНИЦА. А така треба. Но, ете, практиката излегува посилна од нашиот отпор. Но, таквите именки можат барем да се вклопат во нашето правило за акцентот (третиот слог одназад). Но, кај именките од типот СТОЛИЧАРА, ЧОРАПАРА, ПЕЧУРКАРА, се отстапува од зборообразувачкиот систем и од акцентот. Секој ги изговара со акцент на вториот слог одназад. А и да сака поинаку, тоа би одело тешко. Кај именката ПЕЧУРКАРА, речиси, невозможно е да се стави акцентот на вокалот У (третиот слог одназад).

Во Речникот е одбележана една именка, изведена од именката ПЕЧУРКА. Таа гласи ПЕЧУРНИК. Тоа е некаква пита со печурки. Можно е таквото формирање на именки со исфрлање на наставката КА. Нема да биде ПЕЧУРКАРНИК, туку ПЕЧУРНИК. Исто како кога од именката ЦАРЕВКА се исфрла наставката КА и се добива ЦАРЕВНИК (ЦАРЕВНИЦА), а не ЦАРЕВКАРНИК. Народот си создал таква именка и од печурката – ПЕЧУРНИК. Но, и со неа не ќе може или тешко ќе може, да се нарече, да му се стави име на објектот за производство за печурки. А пак, именките ПЕЧУРКАРА, СИРЕЊАРА, ЧОРАПАРА не би смеело да се користат во никој случај. Рековме дека тие отстапуваат и од правилото за зборообразување и од правилото за акцентирање.

А дали е неопходно во ваквите случаи да им се дава име на тие производни погони само со еден збор, па макар и да е тој основен во производниот процес? Навистина, тенденцијата да се бара пократок, постегнат израз е секогаш присутна, но не мора и да биде неопходна. ЧОРАПАРАТА нека си биде фабрика за чорапи, СТОЛИЧАРАТА – фабрика за столови. Е сега, за печурките дали ќе речеме фабрика за печурки? Би можело, но печурката сепак, не е индустриски производ. Можеби погон за производство на печурки?! Можеби и некако поинаку. ПЕЧУРКАРА никако не оди. Не треба називите да се даваат набрзина, без да се размисли. Треба да се консултираат и експерти од областа на јазикот. Да не се случи, ќерката да се раѓа пред мајката.

Благоја Ивчески

Loading