Џудо
Во хуманата акција за помош на настраданите од поплавите се вклучуваат членовите на Џудо клубот Пролетер. По гласот за катастрофата, излегуваат во пресрет на пријателите од ЏК Раднички од Обреновац, град најпогоден во Србија.
– Ги поканивме да дојдат и престојуваат кај нас додека има потреба. Од тренерот слушнавме потресна приказна како само за две – три мунути ја спасил внуката и себе си. Од клубот Раднички веќе немало ништо – вели Елизабета Сурлаџија, претседател на ЏК Пролетер.
Членовите на ЏК Пролетер, предводени од тренерот Славе Димитријоски, со ЏК Раднички негуваат пријателства. Клубот од Обреновац се смета за најблизок, братски. Секоја година прилепчаните се најсакани гости во Обреновац, а обреновчани на ист начин се дочекувани во Прилеп. Затоа, во ЏК Пролетер најтешко им падна веста за несреќата.
– Децении престојуваа во нашите домови, а ние во нивните, кои, за жал, веќе ги немаат. Сочувствувајќи, решивме годинашниот турнир да го одложиме – порачува Сурлаџија.