ГОРЧЛИВА НАСМЕВКА

ivce1Покрај лекарите, на нашиве телевизии се појавуваат и луѓе кои се занимаваат со алтернативна медицина, луѓе кои препорачуваат разно – разни чаеви, билки и така натаму. Објаснува еден таков собирач на билки за тоа, што треба да прави човек кога ќе се СУОЧИ со определена болест. Не му текнува дека треба да рече ќе се СООЧИ, а не ќе се СУОЧИ. Добро, ајде ќе му простиме.

Но, што да прави човек кога ќе се “суочи” со толку многу јазични грешки на нашиве телевизиски програми, а и во печатот ?!

Одличен актер, просечен водител, а многу лош познавач на македонскиот јазик. Како водител на определени телевизиски емисии тој е чест гостин во нашите домови. Рековме, просечен водител, но според јазикот што го практикува станува и потпросечен. Зошто такво неодговорно однесување во телевизиските програми?! Зар тоа не е потценување на оној широк аудиториум што го гледа. Што би било ако почнат на јавните места сите да си зборуваат на своите локални говори? И скопскиот говор ја нема таа привилегија. Можно е понекогаш да се поткрадне некој дијалектизам, но крајно некоректно е ако се зборува само на својот локален говор. Во случајов – скопскиот говор. Лоши реченични конструкции, лошо акцентирање и премногу лексички грешки. Во некоја од последните емисии бевме “почестени” со збор што до сега, никој не го употребил. Зборува водителот за некои лоши постапки на некои луѓе – “Они не се презаат од сето тоа“. Што ќе му значи тоа – НЕ СЕ ПРЕЗААТ? Не само што не е наш македонски збор, туку дури и е изопачен. Во српскиот јазик постои глагол ПРЕЗАТИ и глаголска именка – ПРЕЗАЊЕ. Во Српско – македонскиот речник набележана е една реченица – “Човек који ни од чега не преза”. Преведено е “Човек што не се плаши од ништо”. Тоа значење може да биде и проширено. Може да се однесува и на човек кој е дрзок, кого неможе да го спречи ништо во својата намера. “Човек који не преза”. Нашиов водител го помакедончил, па дури направил повратен глагол – ОНИ НЕ СЕ ПРЕЗААТ. Од многуте грешки ја издвоивме оваа зашто е голема. Многу голема.

Една наша девојка го освоила највисокиот врв на Монт Еверест. Браво! Одлично! Новинарката не известува дека наша девојка го освоила НАЈВОЗВИШЕНИОТ врв на Монт Еверест. Срамота! Зар таа не знае дека високо и возвишено не е исто? Очигледно, не знае.

Рекламите се редовен дел на телевизиските програми, а со реклами се исполнети и цели страници во весниците. За жал, без никаква лектура и без никаква коректура. А честопати ги пишуваат луѓе на кои перото им е доста тешко, а медиумите ги објавуваат такви какви што ги добиле.

Прочитавме во еден весник ваква реклама: ”За нова насмевка, комплетна корекција на забниот низ”. Забниот НИЗ! Што значи зборот НИЗ? Во македонскиот јазик тоа е само предлог и ништо друго – влезе НИЗ врата, се шета НИЗ поле, му протече крв НИЗ уши и така натаму.

Очигледно, во текстот од рекламата се мисли на нешто друго. Тие од зборот НИЗ направиле именка, но таа именка на македонски гласи НИЗА. Имаме НИЗА алтани, НИЗА тутун, НИЗА пиперки, нешто што е нанижано. Именката НИЗА значи и нешто што е наредено (редица) – НИЗА настани, НИЗА кражби, НИЗА (редица) куќи и така натаму. Забите исто така се наредени еднододруго, како низа. Но, како НИЗА, а не како НИЗ. Авторот на рекламата вели дека со реконструкција на ЗАБНИОТ НИЗ ќе се добие нова насмевка.

Но со ваква голема јазична грешка, новата насмевка ќе биде кисела. Рекламата не е од некоја маалска забна ординација. Таа е напишана од Одделот за стоматологија, од прочуена и моќна медицинска институција. Затоа, тежината на грешката е уште поголема.

Многуте грешки што ги среќаваме не се за насмевка, туку за потсмев. За горчливо смеење!

Благоја Ивчески

Loading