Бокс: Сабота (20 ч.) во Индустриско
Предвидени се вкупно 6 борби
Долгоочекуваниот професионален боксерски спектакл е в сабота (20 ч.) во салата на СОУ Р. Р. Ричко. Во новиот објект, пред многу народ, на рингот излегуваат 12 боксери на шест борби. Четири се аматерски, две професионални, од кои главната, шлагот на вечерта е во тешка категорија помеѓу Дарко Чатлески и Емир Исламовиќ од Босна и Херцеговина. Нашиот боксер се враќа во рингот по пауза од седум години.
– Долго се подготвував со завршни висински тренинзи во Михајлово, на Кожуф. Немам многу сознанија за ривалот, но битно е да дадам максимум. Со поддршка од многубројната публика одам на победа – најавува Чатлески.
Треба да издржи четири рунди по три минути. Формата е темпирана за мечот. Дојде до посакуваната, оптимална тежина, намалена од 115 на 96 килограми. Дека е одлично подготвен демонстрираше на Могила, на отворениот тренинг, пред публика. Против замислен противник наизменично боксуваше три и одмараше по една минута. Истото треба да го повтори в сабота навечер за да дојде до целта. Навивачите очекуваат издание како претходните во кариерата.
– Нетрпеливо ја чекам борбата. Верувам во себе и во моќта на навивачката поддршка. Нема да е лесно, но имам сила и тактичко решение за големото искушение – порачува Чатлески.
Публиката сака да ужива во спортски настани, кои се ретки, еднаш на година – две. Организаторите тврдат дека досега ваква манифестација немало. Вечерта ја збогатуваат уште четворица прилепски аматери – Дамјан Талимче, Трајче Илиоски, Серхан Џафероски и Илија Миноски во три рунди против штипјани и тетовец. Вреди да се види настапот на Јапонецот Даиске Јамада, кој вторпат престојува во Прилеп, а сега доаѓа со медиумска и дипломатска поддршка од сонародници во пресрет на професиналниот дуел со штипјанец.
Организаторите вложија напори сé да помине како што планираа, со квантитет и квалитет, меѓутоа, некогаш решавачка е виша сила. Доколку има некое откажување, алтернатива се двајца професионални боксери од Скопје.
Програма
Пионери: Д. Талимче (Прилеп) – В. Донев (Штип)
Пионери: Т. Илиоски (Прилеп) – Г. Пешевски (Штип)
81 кг. : С. Џафероски (Прилеп) – Р. Ристовски (Штип)
64 кг. : И. Миноски (Прилеп) – Љ. Исмаили (Тетово)
Профи 55 кг. : С. Дурмишев (Македонија) – Д. Јамада (Јапонија)
Профи над 91 кг. : Д. Чатлески (Македонија) – Е. Исламовиќ (Б и Х)