ГАЈДИТЕ СЕ ВРАЌААТ НА РУДИНА

Во пресрет на 40-от Фестивал на народни песни и инструменти “Пеце Атанасовски”

На Рудина, крај Долнени, на 4. и 5. јули, ќе писне гајдата, ќе засвири кавалот, ќе ‘рсне тапанот на јубилејното 40. издание на Фестивалот за народни песни и инструменти “Пеце Атанасовски”, откако Советот добил ветување од градоначалникот на Долнени Боше Милошески дека догодина музичарите ќе ја добијат бараната сцена. Фестивалот се враќа на корените, но и во Прилеп ќе има настани. Се очекува учество на околу 250 инструменталисти и пејачи на изворни песни од цела Македонија. Најавени се гајдаџии од Унгарија.

– Од 30 јуни до 5 јули ќе се одржува семинар за изучување на изворни инструменти и песни. Точно 20 учесници од Грција и Македонија ќе следат  од еминентните македонски стручнаци повеќе техники за свирење на изворните инструменти, гајда, кавал, тапан и зурла и на изворното пеење. Раководител ќе биде д-р Ѓоко Георгиев, а предавачи ќе бидат членовите на уметничкиот совет на Фестивалот. Демонстратори на учесниците ќе им објаснуваат –  вели Весна Атанасовска Вучиќ, директорот на Фестивалот.

Новиот уметнички директор, професор д-р Родна Величковска,  смета дека фестивалот го зачувува и негува македонското богато фолклорно наследство.

Во рамките на манифестацијата ќе има и трибина за “Форми и содржини за презентација на изворниот фолклор” со модераторите д-р Ѓоко Георгиев, Ана Марија Боја од Унгарија, д-р Родна Величковска, Катерина Петровска Кузманова од Институтот за фолклор,  Захаринка Милосављевиќ и д-р Илчо Јованов, декан на Факултетот за музичка уметност од Штип.

Фестивалот за јубилејот ќе издаде и монографија.

Loading