ФОРМИРАН КОСТУРОТ

Ракомет

Akcija na mecot Tasta 107 - Mobi Dik OhridЗаврши првенството во Првата женска лига, а ЖРК Таста 107 е во средината на табелата со шест победи, едно реми, 11 порази и собрани 19 бода. Тука некаде беше планот со оглед на младиот играчки кадар. Без резултатско оптоварување фокусот на клубот е врз играта, прогресот. Низ дуели со ривали од Охрид, Куманово, Скопје, Битола, Кичево, Гостивар, Велес и Пробиштип, сезоната мина во “созревање” на девојките кои успешно ги заменија седумте откажани од есенскиот состав.

– Имавме шанса за повеќе бодови, но се испречи неискуството. Задоволни сме од ангажманот. Важно што го формиравме костурот на тимот. Бевме компактни, а низ мечевите ракометарките учеа. Како “ниска” екипа потврдивме дека можеме со контри и полуконтри – вели Елизабета Филипоска, тренер.

Малку чудно, но младата екипа полесно играше на гости, каде двапати победи во Велес и Пробиштип, уште неколкупати даваше силен отпор, наспроти дома кога испушти три победи со Пелистер, Борец и Кичево. Се работи за “грч” во намерата да не се згреши пред својата публика, а во трема се случува обратното. За поголем дострел нужно е вклучување повозрасни во тимот.

– Добредојдени се едно до две засилувања, но тука улога играат финансиите. Предност имаат домашните и наше е да им даваме шанса, зашто од клупа не се станува играч – порачува Филипоска.

Во клубот се благодарни на СОУ Р. Р. Ричко и Локалната, со чија помош егзистира Таста 107.

Фузија?

Веќе три месеци Таста 107 на тренинзите работи со првотимките на Жито Прилеп. Подадена е рака на соседниот клуб, кој остана без тренер. Можеби единствен случај, во ист термин беа две екипи со различни потреби. Имаа дуел за купот. Можна ли е фузија, засега нема одговор.

Loading