ШАМПИОНСКИ ПЕХАР ЗА РК ПРИЛЕП

Ракомет: В сабота е последното прволигашко коло

Настанот е за рекорден број гледачи во салата “Ричко”

Naesen vo Super liga - RK PrilepЗавршува првенството во Првата машка ракометна лига и време е за славје на РК Прилеп. Освоено е првото место и в сабота (19 часот) во салата на СОУ “Р. Р. Ричко” на мечот со Вардар Полог од Гостивар ќе биде доделен шампионскиот пехар од рацете на генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски. Клубот ги кани симпатизерите во очекување на рекорден број сезонава.

Екипата на Орде Илиески заслужено стигна до целта. Доживеани се два пораза на гости, есеноска од Младост во Богданци, пролетва од Борец во Велес, а постигнати 13, односно 14 победи, ако ја сметаме однапред наредната со Вардар Полог. Дома убедливо беа добиени Борец и Младост, а по двапати дома – гости совладани се сите останати противници РК Битола, Јехона Гостивар, Работнички и Риниа од Скопје, Струга и очекувано аутсајдерот Вардар Полог. Убав изглед на табелата, каде РК Прилеп ќе биде со 42 бода, далеку пред Работнички, Борец и Младост.

Заслугата е на градот со огромна поддршка кон управата, водена од претседателот Александар Мариноски и секретарот Рубин Седлоски. Во стручниот штаб Орде Илиески ги имаше Страшо Илиески и Ице Соколоски. Товарот на паркетот го понесоа неколку прекалени, искусни ракометари Локвенец, Стојаноски, Ангеловски, Петкоски, Чадамоски, Бозароски, Ѓорѓиески, со помладите Трајковски, Тодороски, Петрески, Трајкоски, Јанески, Велески, Стефаноски, Орданоски и единственото надворешно засилување, голманот Михајлоски од Кичево. Составот е оптимална комбинација на искуство со младост и добро е што две години не се брзаше, туку се сочека “созревање” за влез во највисок ранг.

Навивачите се интересираат што понатаму. Враќањето во Супер лигата  е по четири години. Таму ривали ќе бидат Зомимак Струмица, Пелистер Битола, Металург јуниор и Пролет од Скопје, Радовиш, Преспа Ресен, Охрид, Куманово, а последниот член е победникот од баражот Текстилец Штип – Работнички, додека во плејофот се вклучуваат гигантите Металург и Вардар. Извесно дека нужни се засилувања да се биде конкурентен во оваа Супер лига.

Шалевска со 14 гола

Жито Прилеп дојде до втората пролетна победа, вкупно петтата суперлигашка, дома 32-27 над Металург јуниор. Најефикасна со 14 гола е Шалевска, шест даде Гичева, пет Аџулеска, а 12 одбрани имаше голманката Стојанова. Синоќа беше гостувањето кај вториот Вардар, а последниот дуел е дома со Металург.

Убав завршеток на сезоната има Таста 107 дома (сабота 17 ч.) со првакот Моби Дик од Охрид.

Loading