Утврдување на градежните парцели
– Стекнување на сопственост на дворовите на дивоградбите и на узурпациите без рокови
Паралелно со постапката за легализација, се јави потреба објектите откога ќе се легализираат да се откупи градежното земјиште или местото под објектот и дворното место. Ова е заокружување на процесот на сопственост, откако се утврди сопственоста на објектот, а сега се утврдува и сопственоста на дворното место.
Според Менде Зајкоски, раководител на одделението за управување со градежно неизградено земјиште, произлезени се случаи за дооформување на градежни парцели, случаи, откако ќе се легализира објектот, да се откупува дворното место и случаи за оние легализирани објекти, кои ги откупуваа порано дворовите со надворешен договор за да можат и тие со решенија да го решат проблемот. Има неколку случаи на оттуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија (РМ).
– Градежното земјиште, односно дворовите во сопственост на РМ се првиот случај, кога дел од дворот е приватна сопственост. Тој е минимум 30 отсто, а другиот дел е сопственост на РМ. Во тој случај има дооформување на градежна парцела, односно дооформување на дворното место. Цената на дооформувањето, а е сопственоста на РМ, е 650 денари за нецентрално подрачје, а во центарот е 1000 денари од м2. Во селата е 400 денари од м2 – објаснува Зајкоски.
Потоа граѓаните имаат можност да купат градежно земјиште во сопственост на РМ. Односно се оттуѓува со непосредна спогодба, што значи веќе легализиран објект или објект кој е изграден со техничка документација, т.е. одобрен за градење, меѓутоа земјиштето на кое е изграден е сопственост на РМ.
– Во тој случај со постапка во одделението за одобрување на градежно земјиште може сопствениците на легалните објекти и на куќите да го откупат дворното место и откупувањето е по 61 денар од м2 – вели Зајкоски.
Трет случај е стекнување на сопственост со надворешен договор. – Тој случај се јавува многу често во некои делови од градот каде во во минатото се продавале парцели со надворешни договори кои не можеле во тој момент да се спроведат. Луѓето изградиле објекти кои ги легализирале. Со приложување на надворешните договори издаваме решение за стекнување на сопственост. И тука има стандардна постапка. Се изработува елаборат, имотни листови. Меѓутоа сега можат да стекнат сопственост на своето дворно место – кажува Зајкоски.
Последен случај можно е да е легален објект или легализиран објект. Меѓутоа деталниот план е стар.
– Тука нема оформено градежна парцела, немало дворно место со детален план, или пак воопшто нема ДУП. Сега граѓаните можат да го откупат само земјиштето под објект за 61 денар од м2, додека со изработката понатаму на ДУП, кога ќе се оформи градежна парцела, односно ќе му се оформи дворно место на сопствениците, ќе можат да го дооформат целиот двор. Ова се случива во фабриките каде нема детални планови, а во меѓувреме се приватизирале по хали. Сега ќе можат по хали да го откупат земјиштето под халата. Потоа се чека на изработка на ДУП и ќе можат да го откупат и дворното место – вели Зајкоки
Во некои случаи има узурпација на градежно земјиште, а има и случаи каде земјиштето не е спроведено во катастар и останало сопственост на РМ. Ова е единствен начин за стекнување на сопственост.
Ова се однесува и на колективни станбени објекти каде нема оформено градежна документација.
Очекуваме да се утврди сопственоста на најмалку половина од земјиштето сопственост на РМ.
Цените се утврдени од Министерството за транспорт и врски, и нема рокови за завршување на постапката и не е во врска со приватизацијата на дворовите.
ЛЕГАЛИЗАЦИЈА ДО КРАЈОТ НА 2015 ГОДИНА
Се продолжува до 31 декември 2015 година рокот за доставување на елаборати за легализација на дивоизградени објекти. Ова е измената на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, што Владата го усвои на последната седница. До 30 јуни 2015 година се продолжува и рокот за легализација на тераси, пренаменети во станбен простор.
Станува збор за дивоградби кои се градени до 3 март 2011 година.
Во Прилеп се легализирани над 6500 објекти, а се поднесоа 15 илјади барања.