Бргу во судиската кариера напредува младата судијка Ирена Велевачкоска. Откако долги осум години се покажа како помошен, сега е во улога на главен судија. Пред неа е шансата за пробив на меѓународната сцена. Веќе од 2 до 6 февруари е полагањето во Лисабон, Португалија.
– Предвидени се медицински прегледи, фитнес тестот и конверзација на англиски јазик со членовите од судиската комисија на УЕФА. Месец ипол се подготвував и очекувам успех – вели Велевачкоска.
На неколку тест – мечеви добро се снаоѓаше во машкиот спорт. Има консултации со најкомпетентниот, судијата со знакот на ФИФА, Горан Спиркоски. Велевачкоска, доколку положи, ќе биде втората Македонка со статус меѓународен главен судија, по скопјанката Ивана Пројковска.
– Судење низ цела Европа е голема чест и афирмација, моја, на градот и државата – истакнува Велевачкоска.