ШАРЛО БИЛ ЗА ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА

Историчарите со нови сознанија за ликот и делото на Методија Шаторов -Шарло

“Додека Методија Шаторов – Шарло се наоѓа на чело на покраинскиот комитет, во целата официјална документација стои комунистичка партија на Македонија. Сî до 1943-та, нема ни во еден друг период назив комунистичка партиска организација. Тоа е една од главните придобивки која што не беше доволно експлоатирана како податок”.

Ова за прилепчанецот Методија Шаторов – Шарло, кој бил роден 1897 г, а бил убиен во Бугарија во Пазарџик на 4. септември 1944 г., го тврди м-р Соња Николова од сознанијата до кои дошла работејќи на докторскиот труд поврзан со ликот и делото на овој македонски деец. Според неа, Шарло бил член на ВМРО – Обединета.

– Скоро сите знаеме дека тој по идеологија бил комунист. Меѓутоа, не го знаеме неговиот придонес како член на ВМРО – Обедината, посебно во Петричкиот крај. Тоа е периодот 1926-1927 година, кога станува член на обласниот комитет на петричко. Меѓутоа, 1935 г., кога се наоѓа во Коминтерната, се враќа повторно во Бугарија, испратен да го засили движењето и да ја засили активноста на ВМРО – Обединета. Тој бил во про-македонско крило, и активно се бори за официјален статус на македонскиот народ и јазик како признат балкански суверенитет. Тоа е многу важен податок, кој сепак недостасува во биографијата – вели Николова.

Со двете одлуки на ЦК на чело со Тито и Лазар Колишевски, во 1948 г. биле ставени катанците на документацијата за Шаторов.

– Шарло е наречен “стариот Бугарин”, без анализа на процесот на политичката состојба. Се распрашав колку имаме податоци од бугарските архиви. Тој ги брани интересите на расцепканата Македонија. Ќе се врати во Македонија, со идеја за широк национален фронт. За него прашањето за името, за признавањето на македонската нација не е само класно, не е само на работничката класа, на селанството, тоа е прашање што ја засега и либералната буржоазија и ги отвора вратите за сите. Тоа е една огромна придобивка за националното ткиво – вели Николовска.

За историчарката Виолета Ачковска, тој бил една од личностите што имал несреќна судбина и која е злоупотребена и од КПЈ и од БКП.

– И едните и другите го гледале Шарло како препрека на интересите. КПЈ да го зачува вардарскиот дел на Македонија, а БКП била засегната од барањата на Шарло да се формира независна самостојна Македонија. Колишевски пет децении не дозволувал осветлување на Шарло, туку само оцрнување. Тоа многу успешно се правеше до 1990 година, кога се покажа дека Шарло зазема високо место на македонската независност и борец за суверена Македонија – смета Ачкоска.

За Тодор Чепреганов, Шарло е една од најмаркантните личности во македонското национално ослободително движење кој се залагал за самостојна Македонија со македонска нација и јазик.

– Шаторов го изиграле и КПЈ и КПБ. Меѓутоа, Коминтерната секогаш му верувала. Ако грешел, одамна немаше да биде жив. Затоа Коминтерната го повлече и го прати во Бугарија да биде дел од бугарското партизанско движење. Тој го создаде првиот партизански одред, а се обвинува за кочење на востанието. Востанието 1941 го подготви Шарло. Тој беше на про-македонска линија. Пројугословенската линија требаше да победи, самите Македонци кои полтронираа за сопствени интереси, го “закопаа” Шарло. За жал, тоа се повторува во македонската историја – вели Чепреганов.

Трибината што ја организираше ГБ Борка Талески и ДНУ е по повод одбележувањето на 117 годишнината од раѓањето на Шарло.

ИЛИЈА ДИМОСКИ ШАТОРО

ГОРД СУМ ШТО СУМ ПОТОМОК НА ШАРЛО

Цели 50 години, поколенијата на Шарло го носеле товарот на својот грб за вистината за револуционерот кој се борел за создавање на самостојна Македонија, но бил покриен со превезот на предавник на сопствениот народ. Илија Димоски – Шаторо, кој е еден од потомците се гордее на секоја трибина, на која се осветлува ликот и делото, зашто Шарло во сите документи се декларирал како Македонец.

– Не бил предавник, туку борец за самостојна македонска држава, обединета со сите три делови, па и Мала Преспа. Како  дете бев разочаран што бев потомок, оти во историјата беше претставен како човек што рекол дека оружјето треба да се предава на  окупаторот. А бил прекален  комунист, член на Коминтерната, шпански борец, дојден за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ. Така чудно беше да станал предавник. Тоа кај мене предизвика хаос. Но, со времето, низ научните анализи, се демистифицира и веќе се открива како човек  кој се борел за решавање на македонското прашање не само во вардарскиот дел, туку и сите останати делови каде живеат Македонци. Дејствувал обединувачки. Но, на КПЈ не í одговарало Македонија да биде силна и голема. Се гордеам што науката открива дека  Шарло се борел за самостојна, суверена и обединета Македонија – вели  Димоски, кој беше првиот претседател на Прилеп во плурализмот од 1990 г., а сега е координатор на ветераните на ВМРО ДПМНЕ во ИЕ 4.

ЛС НАЈАВУВА СПОМЕНИК ЗА ШАРЛО          

Градоначалникот Марјан Ристески смета дека прилепчани никогаш немале дилема за ликот и делото на Шарло.

–  Она што го знаеме од нашите дедовци е дека Шарло важи за битна историска личност за Прилеп, Македонија, Балканот и пошироко. И ние денес треба да го почитуваме. ЛС, заедно со Сојузот на борците и Друштвото за наука и уметност и живите членови на семејството на Шарло, ќе изработиме идејно решение за спомен обележје кое ќе биде поставено во централното градско подрачје. Тоа е минимум што можеме да направиме да се оддолжиме на овој лик со потекло од градот под Марковите кули – вели Ристески.

Loading