РЕНОВИРАЊЕ НА СТАКЛЕНАТА ЧИТАЛНА

Петар Петрески, директор на ГБ “Борка Талески”

Библиотеката “Борка Талески” продолжи со засилено темпо во 2014 година. Според директорот Петар Петрески, предвидени се бројни зафати по успешната мината година, меѓу кои за темелна реконструкција на читалната, набавката на литература…

– Планираме надградба на објектот, со што ќе добиеме нов современ и модерен магацински простор да го сместиме сî поголемиот книжевен фонд, кој 80 проценти е ажуриран во КОБИС системот. Ќе ја реновираме малата стаклена сала која ќе стане модерен простор со повеќе намени. Ќе промениме дел од електричното осветлување, ќе набавиме нов екран – пано, како и нови компјутери – истакнува Петрески.

Продолжува збогатувањето на книжниот фонд, а не помалку простор ќе биде даден и за издавачката дејност.

– Од печат треба да излезат “За градбите на господарот наш Јустинијан – од Прокопиј од Кајсареа”, во превод од латински на македонски јазик на Миле Богески, книгата за прилепските спортисти  “Прилепски спортски големини” од Драгољуб Башески, “Поетско Маркукуле 2013”, “Семејни библиотеки во Прилеп” од Петар Петрески и Магда Василеска – додава директорот.

Библиотеката пак ќе го организира Поетско Маркукуле 2014, ќе го одбележува месецот на книгата, светскиот ден на книгата и авторското право, годишнините од раѓањето на прилепски и светски автори, ќе организира натпревари на млади библиотекари, рецитатори, избор на најдобра лична творба… Нема да изостанат ни организирањето на изложби и промоции на книги од македонски и светски автори.

Loading