“УНИФОРМИРАНИ” ГИМНАЗИЈАЛЦИ

По иницијатива на советот на родители и младинската организација од СОУ “Мирче Ацев”, набавени се 900 дводелни униформи. На набавката претходело “испитување на пазарот”, односно по двајца гимназијалци ги обиколиле училниците со униформите за да заклучат дека се одлично прифатени.

Одговорната за спроведување на проектот, професорката Христина Манческа, вели дека резултатите на учениците на државни и меѓународни натпревари, не се доволни да се демонстрира елитистичкиот, прогресивен гимназиски дух.

– Желбата да се изгради и формално да го обликува брендот на гимназијата е водилка да се направат униформи соодветни на денешните трендови, а едновремено да се прифатени од учениците и да се ценовно достапни – вели Манческа. 

Директорот на Гимназијата, Киро Николоски, ја прифатил идејата од родителите и учениците, сметајќи дека таа е знак за намалување на економско – социјалниот јаз меѓу гимназијалците.

– Како сî во гимназијата, и униформите се од највисок квалитет, изработени од Тетекс. Содржат долен дел – кошула и горен – џемпер, со извезано училишно лого. Машките носат темно сини, а девојките црвени – вели Николоски.

Стефан Ристески, гимназискиот младински лидер кажа дека се обезбедени 70 униформи, кои бесплатно ќе им се дадат на учениците од семејства во потешка економска состојба. А, од советот на родители било решено, доколку едно семејство има двајца гимназијалци, едниот да добие униформа бесплатно.

Градоначалникот Марјан Ристески оцени дека гимназискиот пример треба да е урнек и за другите училишта.    

Loading