Општина Кривогаштани за шест месеци ќе ги урбанизира со планови селата Славеј, Врбјани, Крушеани, Воѓани, Бела Црква, Обршани, Боротино, Пашино Рувци, Кореница, Годивле и Подвис. Парите од околу четири милиони денари за урбанизација на 303 хектари се од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој.
Кривогаштани добива урбанистички план во целина после 50 години.
Градоначалникот Тони Заткоски потпиша договор со фирмата Нимаер од Струга, изразувајќи задоволство од претстојните урбани зафати.
– Некои села ќе имаат приоритет. Со плановите жителите полесно ќе добиваат дозволи за градби, а ќе можат да се планирааат и инвестиции. Плановите ќе овозможат легализација на домовите и помошни простории. Покрај тоа кај селото Славеј се планира градба на индустриската зона. И во други места, каде имало малку инвестиции, односно помалку капитални објекти – вели Заткоски.
Според Благоја Радевски од фирмата која ги подготвува плановите, граѓаните добиваат маркици за градба на објекти.
– Се опфаќаат сите легализирани објекти и тие што допрва треба да се легализираат. Општината ќе добие дигитална форма на плановите. Се дефинираат улици низ кои ќе врви фекална, а во иднина можеби и атмосферска канализација. Ќе има коридор за електроинсталација и за телефонија – вели Радевски.
Крај Кривогаштани гравитираат 12 населени места со над шест илјади жители.
ТРОТОАРИ НА ГЛАВНАТА УЛИЦА
Се уредува центарот на Кривогаштани со тротоари. Поплочени се 365 метри. Инвестицијата е 800 илјади денари.
– Во наредниот период продолжува комплетното уредување. Нема да се заборават и другите села. Планирани се повеќе урбани содржини во населените места – рече Заткоски.
Во февруари ќе се пушти новоуредениот сточен пазар и ќе стартува градбата на спортската сала и повеќенаменското игралиште, а на крајот на следниот месец ќе се организира изложбата на кучиња, бернардинци.