ПАЗАРОТ НЕБАРЕ МОЗАИК ОД МОДЕРНИ ДУЌАНИ

Пецо Димоски – директор на ЈКП Пазари

– Покривањето на текстилниот пазар е на површина од 700 м2, со инвестиција од 4 милиони денари која што треба да биде завршена до крајот на месецов

– Новиот трговско – деловен објект, што ќе се гради на местото на поранешниот млечен пазар, е на површина од 5 000 м2.

Надалеку познатиот и посетуван пазар не е повеќе тоа што беше. Постојано се подобруваат условите, па така пазарџиите продаваат и кога врне, а муштериите може да пазарат и кога се стемнува. Просторот е покриен, осветлен и уреден. Зошто се преземаат инвестициските зафати во градскиот пазар?       

Ефектот на сите преземени зафати во ЈКП Пазари минативе четири години е зголемување на вкупниот капитал на претпријатието и нови развојни перспективи во работењето кои ќе обезбедат материјална основа за работење со постојната дејност, како и отворање на можности за други активности кои во иднина ќе обезбедат поголем приход на претпријатието. Или гледано од аголот на граѓаните, пазарот е претворен во модерен мал центар, каде пазарењето не претставува само потреба, туку и задоволство. Од друга страна, и на продавачите им се обезбедени околности за поквалитетна и полесна понуда со “покривот над главата”.

На местото на поранешниот млечен пазар ќе никне нов трговско деловен објект. Што друго е направено во изминатите три-четири години?    

Во периодот од 2010 до денес претпријатието влезе во обемни инвестициони потфати. Извршена е целосна реконструкција на градскиот пазар со исполнување на ХАСАП стандардите. Од сите проекти, би го издвоил новиот трговско – деловен објект, што ќе се гради на местото на поранешниот млечен пазар на 5000 м2. Таму претпријатието треба да добие околу 20 отсто, односно 1000 м2 од бруто површината. Тоа е нов приход за ЈКП. Таму имаме деловни објекти кои ќе се издаваат под закуп. Ќе има простор и за нова управна зграда, зашто постоечката е во лоша состојба.

Продавачите на текстил им пркосат на временските неприлики затоа што и овој дел од пазарот се покрива и осовременува. Закупците немаат потреба секојдневно стоката да ја внесуваат и изнесуваат од пазарот. Добиваат ли со тоа практично “гратис” магацински простор?

Во тек се неколку проекти од кои би споменал неколку: покривање на текстилниот пазар на површина од 700 м2, инвестиција од 4 милиони денари и која што треба да биде завршена до крајот на овој месец. Во тек е изградбата на нов млечен пазар со 24 пазарни места и кој треба да биде завршен до средината на февруари. Се предвидува доосветлување на градскиот пазар, поточно на текстилниот пазар и дел од пазарот за зеленчук. Предвидена е и интервенција во делот на тезгите за текстилни производи, кои ќе бидат осовремени и подобрени, така што продавачите ќе можат да ги чуваат своите производи. Тоа за нив ќе биде помал трошок, зашто нема да имаат потреба секој ден својата стока да ја внесуваат и изнесуваат од пазарот и ќе ја чуваат тука. Нема да плаќаат за магацините, каде сега ја чуваат стоката. Тоа значи подобар квалитет на услугите и за потрошувачите и за продавачите односно закупците во градскиот пазар.

Покрај за корисниците на услугите, паралелно водите грижа и за потрошувачите поточно за пазарџиите кои можат да го препознаат подобрениот квалитет на јавната дејност?

Квалитетот на услугите го остваруваме со огромни финансиски придобивки. Во извршување на сите овие активности се проткаени нашите заложби за континуирана, сервисна ориентираност кон граѓаните и обезбедување висок квалитет на услугите со почитување на принципите на сигурност, континуитет на квалитет, транспарентност, достапност, универзалност и заштита на корисниците и потрошувачите.

Некогаш старите прилепчани на пазар оделе со зимбили. Ем пазареле, ем со задоволство се среќавале со сограѓаните. Денеска особено помладите “милуваат” со автомобил ако може да стигнат на “ќутук” односно до тезгите на зелениот пазар! 

Со новата катна гаража секако ќе се обезбеди простор за паркирање што позитивно ќе се одрази на градскиот пазар. На тој начин граѓаните ќе може поблиску да стигнат до богато снабдениот градски пазар кој го посетуваат не само прилепчани, туку и муштерии од околните градови. Ние сме јавно претпријатие кое постојано ги следи новите трендови и сака да се прилагодува на потребите и барањата, како на продавачите, така и на купувачите.    

Loading