Удвојувањето на согласките е честа појава во нашиот јазик. Главно, во два случаја. Првиот е кога ќе дојдат во допир согласката од префиксот со согласката од основниот збор. Вториот случај на удвојување на согласките настанува при членувањето на именките од женски род кои завршуваат на Д, Т и при членувањето на простите броеви што завршуваат на Т. Да ги разгледаме сите поединечно. Се разбира накратко, чисто од практични причини, без да навлегуваме во некоја теоретска широчина.
Рековме, кога ќе дојдат во допир согласките од префиксот, со согласките од основниот збор : од префиксот ОД со глаголот ДЕЛИ, ќе добиеме – ОДДЕЛИ. Потоа, имаме БЕССИЛЕН, ОТТУКА, ОТТИШИ, ОДДАЛЕЧИ и многу такви. Во многу случаи Д преминува во Т поради едначењето по звучност: ОД ТУКА – ОТТУКА и така натаму.
Вториот случај е при членувањето на именки од женски род кои завршуваат на Д, Т: ПРОЛЕТ – ПРОЛЕТТА, СМРТ – СМРТТА, ЧЕЛАД – ЧЕЛАДТА, и при членување на простите броеви што завршуваат на Т. Така имаме: ПЕТ – ПЕТТЕ, ДЕВЕТ – ДЕВЕТТЕ. Истото се случува и со бројните придавки: ПЕТ – ПЕТТА – ПЕТТАТА, ДЕСЕТ – ДЕСЕТТА – ДЕСЕТТАТА.
Има една необична, би рекле непожелна појава кај многу новинари, коментатори, спикери и многу други кои неправилно ги изговараат зборовите во кои ќе се појават удвоени согласки. Обично, тоа се забележува кај луѓето од скопското говорно подрачје. Дури и можеме да го идентификуваме нивното место на живеење според начинот на кој ги изговараат удвоените согласки. Едноставно, тие ги произнесуваат таквите зборови како да има една согласка. Наместо ПЕТТАТА, тие велат ПЕТАТА, ДЕВЕТАТА, ДЕСЕТАТА, и така натаму. Се разбира, кога ќе има такви двојни согласки не треба тоа да се пренагласува, туку едноставно се изговара малку продолжено. А тие изговараат како да е една согласка. Дури се случува тоа и кога има два збора, односно предлог кој завршува на Д и збор кој започнува со Д. Слушаме една коментаторка која не информира за временската состојба. Таа вели: “Утре ќе има врнежи ОДОЖД”, наместо ОД ДОЖД. Или слушаме да ни се советува дека кога ќе излегуваме ОДОМА (од дома) да си понесеме чадор. Во некои случаи, ако не се напишани или, ако не се артикулираат удвоените согласки се добиваат различни значења. Имаме – ОДОЛЖИ (со едно Д) и ОДДОЛЖИ (со две Д) но со поинакви значења. Да речеме дека некој ОДОЛЖИЛ со враќањето на долгот но сепак се ОДДОЛЖИЛ. Имаме: НАТРЧУВА – НАТТРЧУВА, НАДАВА – НАДДАВА и други такви.
Рековме дека ваквите недоследности главно се забележуваат во скопскиот говор. Во сите говорни подрачја можни се неправилности, но во литературниот јазик тоа не е дозволено. Треба да се чувствува употребата на удвоените согласки. Да се чувствува тоа во самата артикулација – ПЕТТАТА (не ПЕТАТА), ДЕВЕТТАТА (не ДЕВЕТАТА), ПРОЛЕТТА (не ПРОЛЕТА) и така натаму.
Ќе приведеме и некои несмасни реченици што ги слушнавме на некоја од телевизиите.
Бевме информирани дека министрите за економија од Македонија и од Косово разговарале за ВЛОШЕНИТЕ проблеми. Какви се тие ВЛОШЕНИ проблеми? Проблемот, сам по себе претставува некаква тешкотија, нешто лошо, така што тој не може да се влоши. Тој може да се зголеми или да се намали, или ако го нема да се создаде. Може да се влоши некоја ситуација и да се создаде проблем, но самиот проблем не може да се влоши или да се подобри.
Една наша пратеничка, лекар по професија, доста возбудена, би рекле дури и гневна, вели дека малигните заболувања РАСТЕЛЕ ПРОГРЕСИВНО. Госпоѓо доктор, можеби вашата преголема нервоза и гнев беа причина за ваков израз. Сите знаеме, веројатно и вие, дека секое растење е прогресија. Не постои РЕГРЕСИВНО растење. Прогресот е напредок, растеж. Без разлика дали позитивен или негативен.
А грешките во нашиот јазик незапирливо растат. Многу се прогресивни. Тешко дека некој ќе ја спречи таа прогресија, тој растеж.
Благоја Ивчески