Караорман
“Секој што сака, може да успее, само треба премногу работа. Ноќта да се претвори во ден, колку за скромен, а не раскошен семеен живот”.
Ова е рецептот на успехот на Душан Кузманоски, сопственик на градежната фирма Караорман.
Вели дека фирмата ја крстил според неговото потекло. Веќе е 30 години во еснафот на градежниците со чесен, коректен и одговорен пристап кон муштериите, кои бараат да им гради ниски и високи семејни или деловни објекти.
– Ми лежи градежништвото и отворив своја фирма, откако открив дека нема перспектива во Заводот за урбанизам, каде работев 25 години како техничар. И ден – денеска сметам, а и ја потврдив со работното искуство, старата девиза на мајсторите дека мистријата никого не остава без леб. Треба 24 часа присуство во градбата, потребно е следење на мајсторите, покрај инженерите – ја кажува Кузманоски филозифијата на градежништвото.
Првин почнал во Гевгелија, со тамошен другар, чиј татко долго време бил градежен мајстор.
– Кога тргнавме, татко му ни рече: “Не мислете дека ќе се збогатите, но мистријата нема да дозволи фамилиите да ви страдаат”. Со мистрија не сум работел, но чесно и квалитетно работам. Секој што така приоѓа, ќе успее, покрај сите законски високи критериуми – кажува Кузманоски, чија фирма технички располага со потребните машини и опрема за изведување на станбени и деловни објекти.
Сопственикот на Караорман реагира на нелојалната конкуренција. – Излегоа куп мајстори со теслата на појас. Диво работат и ја земаат работата со пониски цени. А фирмите, како мојата, нужно е да ги плаќаат придонесите за работниците, книговодител, осигурување и тн. На “дивите” не им оди контрола, оти немаат фирми. Мирно спијат, без плаќање на давачки. Додека кај легалните се респектира процедурата, а тоа е скапо и чини. Тоа мора да се вгради во цените. Грев е лојалните да плаќаат за незаконието, дивите да го земаат лебот од “питомите”, кои сé плаќаат. Барам на пазарот сите да трчаме еднакво – кажува Кузманоски, кој е среќен што синот, иако е биотехнолог, постепено влегува во бизнисот по неговите стапки со полн елан и волја.
Не се жали од отсуство на работни ангажмани, иако времето не е како порано.
Контактира со еснафот. Соработува со колегите од браншата, иако му се конкуренти. Најдуваат разбирање да не си ги уриваат цените, а инвеститорот сам нека избира.
Пред почетокот на градежната сезона најавува ангажман на 30 работници да ги заврши веќе земените работи и да одговори на новите договори. Покрај своите вработени, Караорман ангажира и претпријатија за инсталирање на водоводот, поставување на електрична мрежа, па плочкари, паркетари, гипс картонџии…
Градежни творби на Кузманоски се постојаниот ангажман во Комфи Ангел и многу други индивидуални куќи.
КАРАБИНА – СТО ЕВРА М2
Градбата на куќа до фаза на карабин чини максимум 100 евра по м2.
– Некои пуштаат и по 90 – 80 евра. Ама, така не се внимава на квалитетот и заштитата. Користат потпросечни материјали. Разликата од 10-20 евра е во полошата арматура или помали дијаметри на железото, понеквалитетни цигли, послаб бетон. Се штеди и во герамидите… – вели Кузманоски.
Просечна цена на куќа со клуч на рака е 350 евра од м2.