Историја
Многу навивачи ја поддржуваа Победа на гостувањата. Освен со најтрофејниот Вардар, најпривлечни беа дерби дуелите со соседниот ривал, Пелистер.
Кај повозрасните уште се памети дербито од 3. април 1988. Подоцна се виде дека одлучуваше кој останува во единствената Втора лига на Југославија, кој отпаѓа во новоформираната Трета. Под Тумбе Кафе беше метеж. На стадионот кој собира осум, дојдоа 10 илјади луѓе. Трибините не издржуваа и мораше дел од присутните да се префрлат долу на терен зад головите. Прилепчани беа неколку илјади, дојдени со воз, автомобили или со организиран конвој автобуси. Пред поаѓање имаше борба кој да влезе во автобусите. Некој најзагреан навивач во брзина да фати место го заборавил незаклучен велосипедот пред стадионот и кога внатре го потсетиле, рекол дека важно му е Победа да земе бод, а за велосипед ќе се снајде.
Гостите останаа без бодот, по единствениот гол на Раденковиќ, а двата на Главевски против голманот Т. Николоски, дебитант во Победа.