МАТРАКОСКА ДВАПАТИ НАЈДОБРА ВО МАКЕДОНИЈА

Карате: Избор за 2013 во КФМ

Членката на Ронин доминира во сениорска и јуниорска категорија

Карате федерацијата на Македонија ги избра најдобрите каратисти за 2013 година и сосема очекувано меѓу наградените се членови на КК Ронин. Во Скопје почестите најмногу беа за Марија Матракоска и Маријана Димоска.

Матракоска е прогласена по две основи. Најуспешна сениорка е во државата според пласманите: прва на Државно, петто на Европско, бронза од Премиер лига и злато на Европско студентско. Во оваа конкуренција и следните две места меѓу најдобрите се за клупските другарки, Зорица Спиркоска и Поликсенија Јованоска. За Матракоска има уште една награда – најдобра јуниорка до 21 година за второто место во ката и третото место во борби на Балканско во Крагуевац.

Маријана Димоска од Федерацијата доби титула најдобра јуниорка за златото на светскиот куп К – 1 во Крф, среброто на СК во Салцбург и Истанбул, бронзата и среброто со ката тим на Балканско, петтите места на Светско и Европско. И во оваа група сите три се клупски другарки, втората е близначката Мишела Димоска, третата Искра Каракашоска.

Претходно, од Агенцијата за спорт и млади Спортски оскар добија за најдобра универзитетска екипа, за златото на ката тимот на Европското во Будимпешта.

МИСЛИТЕ КОН ЛИСАБОН

Прилепските каратисти се готват за првиот голем настан, од 7-9 февруари, Европско кадетско – јуниорско во Лисабон, Португалија. Таму ќе настапат Поликсенија Јованоска, Маријана Димоска, Мишела Димоска, Искра Каракашоска (Ронин) и Сара Симоноска (Спорт 94). Улогата меѓународен судија е за Елизабета Димоска.

Loading