МАЛ УМЕТНИК СОЗДАВА ПРИКАЗНИ ВО СЛИКИ

Секогаш е предизвик на дете да му дадеш бел лист и боичка! Чуда се случуваат, а на изненадувањата им нема крај. Кога дете со само шест ипол години, вешто ја држи боичката и едноставно со леснотија си поигрува, дури и со четчето и темперните боички, тогаш доаѓа воодушевување од талентот кој нескриено го бара својот пат.

За малата првоодделенка Алина Андоноска од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, светот е моливот, боичките, блокот… Речиси сé претвора во цртеж или слика. Зборовите што ги слуша во себе ги запишува како слика. Со неверојатна прецизност, до најмал детал, Алина умее да го нацрта тоа што го гледа, но и тоа што го замислила. Дарбата се подготвува да ја “измери” на најголемата меѓународна смотра на детското творештво од областа на театарот, литературата и ликовната уметност на Балканот, “Детски велигденски сабор” во Србија. На тема “Огништето во искрата на сеќавањето”, учествува со творбите “Тутуноберачка” (молив) и “Водарка” (темпера).

Мотивите ги избрала сама, инспирирана од раскажувањата за минатите времиња, а кои за неа биле интересни заради чешмите од кои се полнела вода, тутунот кој се сушел на ѕидот од куќата и шарените носии на девојките.

Алина има безброј желби. Уште не е сигурна што ќе биде кога ќе порасне, но знае дека најмногу на светот сака да црта и да создава приказни во слики.

Loading