Веќе деветта година поголем дел од жителите на улицата “Копарска”, или по ново “Христо Узунов” недела – две по Василица организираат маалска средба. Годинава го одржаа адетот, вртејќи два мазника со паричка во ресторанот Панорама. Со песна и оро, па и со лотарија, седумдесеттина маалци со своите сопруги го негуваат пријателството, добрососедството и демонстрираат единство и помагање еден на друг. Веселбата се пренесува и дури по домовите до утринските часови. Очекуваат и нивните деца да ја продолжат традицијата, како што доаѓаат девојките со сопрузите, омажени во друг дел од градот.
Ице Митроски вели дека средбата е знак на заедништво и почитување. Од “тајане” во неговата гаража, дошле на идеја да се среќаваат во ресторан, да имаат два домаќина, а изборот на следните да го одредат паричките. Нему му се насмеа среќата и в година ќе биде пак “кум”, како сефтето пред една деценија. Друштво ќе му прави неговиот брат Жарко. А годинешните домаќини Дарко Ѓорѓиоски и Диме Гешоски не заминаа со празни раце, туку како секоја година маалците им подарија икони.