Се интензивира откупот на тутунот
За да се динамизира откупот на тутунот во земјава, заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски соопшти дека постигнал согласност со откупните претпријатија за интензивирање на кампањата. Изрази готовност за заштита на тутунарите со инсистирање на реална проценка, еднаква со истакнатите мостри. Не сокри дека годинава тутунот има просечно пониска цена за околу 20 отсто. Според него, тоа се должи на повисокиот род во земјава и во околните држави. Но, цените се во тенденција на пораст, затоа што претстои откупот на горните, поквалитетни, берби.
– Се договоривме со десет откупувачи во февруари да преземаат тутун и во сабота и во недела на пунктовите каде има застој. Тоа не важи за компаниите кои откупиле веќе 80 отсто од родот. Им излегуваме во пресрет на тутунарите побрзо да го предадат тутунот и навреме да ја земат субвенцијата од едно евро на секој откупен килограм тутун – рече Коњановски.
Инспекторот Сашо Ракочевиќ констатира секојдневно зголемување на динамиката на откуп. Соопшти дека 45 инспектори изрекле десет казни за шест компании по 15 илјади евра за правното лице и по три илјади евра за одговорното лице на откупните фирми.
– Се казнува за непочитување на законски критериуми, како на пример, јавно несоопштување на одбитоците на влага и песок и поради неисправни влагометри – вели Ракочевиќ.
Досега се откупени во земјава околу 16 илјади тони од очекуваните 30 илјади тони со просечна цена од 154 денари.