Радосната атмосфера во семејството Јанкови, откако домаќинката Перса доби “Фолксваген” Поло од наградната игра “Фискална во рака – награда без мака”. Перса и Живко уште со неверување и насмевка ја доживуваат наградата.
– Првпат во животот се насмеа среќата во нашиот дом. Нешто ситно играат сопругот и синот, ама ништо не добиваа. Полото е добредојдено, оти имаме стар автомобил. Ќе го вози синот Игор – вели Перса, уште несоземена од изненадувањето.
Раскажува дека не им се верувало дека ќе дојде Полото во нивниот двор кога слушнале дека вториот автомобил е во град во близина на Битола.
– Кога водителот го изговори името, внуците скокаа од ќеф. Викаа, се смееа, се гушкавме, бакнувавме. Ѕвонеа телефоните за честитки можеби два часа. Блиските не чекаа, туку веднаш ја наполнија куќата да ја поделиме радоста. Се веселевме до доцна во ноќта. Се мајтапевме дека сме среќни и секаде каде ќе допреме ќе сееме к’смет. Можеби и други ќе “заразиме” со среќа. Веќе не е чудно. Можно е нешто покрупно “да ни ги нараси очите”, да добиеме стан или дуќан во Скопје – пренесува Перса дел од семејниот амбиент.
Инаку, 56 годишната Перса кажува дека сопругот испратил седум плика. Сите биле со имиња на по еден член од семејството. Играле и во претходното коло и продолжуваат да собираат фискални сметки. И да се надеваат…