Малигните заболувања, особено ракот на матката, заедно со кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт кај луѓето кај нас. Центарот за јавно здравје, заради намалување на инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матката, води пилот проект во Прилеп за скринингот на рак на грло на матката.
– Лани беа прегледани 941 пациенти од 36 до 48 години. Кај 24 се откриени клеточни абнормалности или 2,6 отсто. Во 2012 г. скринингот се однесуваше на женска популација од 24 до 35 години. Од 535 прегледи, најдени се 31 клеточна абнормалност односно 5,8 проценти. Во 2011 програмата ги опфати жените на возраст од 30 до 55 год при што се прегледале 3438 жени. Цитолошки се анализирани 3274 брисеви, а кај 253 се откриени епителни клеточни абнормалности или 7,7 посто. Или за тригодишниот период, се прегледани 4914 жени, од кои кај 308 биле откриени клеточни абнормалности или околу 6 проценти – вели Гоце Ингилизов, директор на Центарот за јавно здравје.
Скринингот продолжува и годинава. Без пари ќе се прегледуваат жени на возраст од 49 до 60 години.
– Болеста може да се превенира преку матичните гинеколози со целосен преглед за откривање на секоја промена. Програмата се спроведува со покана за бесплатен преглед и да се направи ПАП тест, кој потоа се анализира. Програмата претставува грижа, здравствена едукација и подигање на свеста за редовни гинеколошки контроли – додава Ингилизов.
Гинекологот Мимоза Капетаноска потенцира дека раното откривање на промените на грлото на матката овозможува поголем процент за преживување на пациентите без натамошни последици.
– Ако пациентите се прегледуваат на шест месеци, односно најмалку еднаш годишно, им се земаат ПАП тестови, се вршат колопоскопски прегледи, детектирање на ХПВ вируси, со што може да се превенира ракот на грлото на матката. Со дијагнозите, во зависност од возраста на пациентката, се одлучува дали ќе се презема конзервативен или хирушки третман – посочува Капетаноска.