Капитални инвестиции во Здравствениот дом
Заврши реконструкцијата на објектот од итната помош. Старата зграда доби ново руво. Реконструирана е фасадата, сменет е покривот, Во внатрешноста се поставени нови плочки, обоени се ѕидовите, има нови клупи. Инвестицијата чини 400 илјади денари кои Здравствениот дом ги обезбеди од сопствени извори.
– По 50 години првпат се вложува во реконструкцијата на зградата, која беше рак рана. На општо задоволство и на граѓаните и на вработените итната помош доби нов лик. Комплетно завршивме со реконструкцијата. Подобри услови за работа ќе имаат и вработените, но и пациентите, на кои ќе им пружаме лекарска помош во поубава средина. Зафатите се дел од ветената програма, со која ја добивме довербата – вели Петар Ристески, директор на Здравствениот дом.
Итната помош меѓу првите служби во земјата го спроведува протоколот за хоспитална култура.
– Започнавме со употреба на новите типови на облеки по препорака на Министерството за здравство, водејќи се од протоколот за хоспитална култура. Бела облека добија лекарите, светло сина – медицинските сестри и темно црвена – техничката служба. Пациентите ќе можат подобро да ги препознаваат вработените кога ќе дојдат да побараат помош – додава директорот.
Во службата се ангажирани 60 лица. Има 14 тимови со лекар, медицинска сестра и возач, потоа технички персонал. Има уште четири тимови за домашна посета и пет во стоматолошката служба. Се планираат уште две работни места за лекари, бидејќи годишно во итната помош има по околу 50 илјади интервенции.
До крајот на годината ќе се реконструира на Здравствениот дом.
– Заврши тендерот во Министерството за здравство, со кој Здравствениот дом е партнер во реконструкцијата на фасадата и дограмата, вредни над осум милиони денари. Реконструкцијата ќе започне за неколку денови. Паралелно, ќе се монтира лифт во уредот, со што пациентите ќе имаат подобар пристап. Ќе го смениме и подот, ќе се освежат ѕидовите, ќе се смени оградата на скалите и ќе обезбедиме модерна медицинска опрема за лабораторијата, за стоматолошкото одделение – заклучува Ристески .
ПОДВИЖЕН СТОМАТОЛОГ ЗА ХЕНДИКАПИРАНИТЕ
Во завршна фаза е набавката на мобилниот стоматолошки сет, што го нема на овие простори.
– Бидејќи работиме на терен, со сетот ќе бидеме присутни и во руралните средини. По барање на Здруженијата за хендикепирани лица е одиме во домашни услови, да пружаме здравстени услуги – додава Ристески, најавувајќи уште две нови возила за домашна посета, со што екипите ќе имаат поголема мобилност.