Реновирањето на Меморијалниот Музеј 11 Октомври пред две години, во очи 70 годишнината од вооруженото востание, беше полн погодок, велат од Заводот и Музеј. Со автентичната приказна се привлечени околу 2000 граѓани. Главно се организирани посети. Помладите прашуваат за користеното оружје во тој период, при нападот, други за распоредот на четите, трети за планот на нападот.
– Ја раскажуваме приказната од пред 72 години кога пукнала првата пушка. Кустосите пренесуваат и други детали. На преден план се изложените документи, скици, карти, оружјето, указите за прогласување на народните херои со фотографии, како и Повелбата за прогласување на Прилеп за град Херој – објаснува Гордана Д. Спироска, директор на Музејот.
Во посебен простор се наредени учесниците кои на 11 октомври го почнаа воруженото востание – од групата за напад на участакот: Душан Наумоски, Аспарух Јосифоски, Блаже Спиркоски, Драган Спиркоски и Милан Димески, од групата за напад на затворот Никола Попоски, Душан Ристески, Мице Козар, Благоја Корубин, Пецо Крстески и Јонче Јанески и од групата за прекин на телефонските врски Киро Ѓошески, Коле Чашуле, Мице Димески, Киро Базерко, Крсте Црвенкоски. Внимание предизвикува и муралот на НОБ од Борко Лазески.