СПОРТОТ СЕ СЕЛИ ВО УЧИЛИШНИ САЛИ

Нов век, нов тренд

Само ЖРК Жито Прилеп во голем објект

Пред 35-40 години во градов се изградија две големи сали, Универзалната, сегашна “Арена Сонце” и “Македонија”, со визија за спектакли пред две – три и повеќе илјади гледачи. Сега тренд на спортските екипи е преселбата во помали, училишни. Есенва на периферијата, во новата од СОУ “…Ричко”, настапуваат ракометните прволигаши, женскиот Таста 107 и машкиот РК Прилеп.

– Салата одговара на стандардите. Задоволна сум. На други места наидовме на нечистотии, непрописни димензии или превисока цена. Ги имаме потребните реквизити и услови, чисти простории, соблекувални… Идеален простор за аматерски клуб – смета Елизабета Филипоска, тренер на ЖРК Таста 107.

Само женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп тренира и игра во голема сала, во својата “Арена Сонце”. Останатите се преместуваат од малата кај Спортскиот центар “Маркови Кули” кон уште помалите, училишните. Пингпонгарите на Младост и Младост 96 играа на повеќе локации, во Гимназијата, Хемиското училиште, основното “Гоце Делчев”… Одбојкарките на 11 Октомври го користат КГС “Партизан”, а џудистите на Сеишин и кошаркарите на третолигашот Марфил спорт се најнови корисници на СОУ “…Ричко”, пред трибина со 400-500 седишта.

– Со преселувањето добивме затоплена, чиста сала и заштедуваме буџет. Располагаме со услови за младинската школа. Очекувам 700 – 800 гледачи за дерби – вели Рубинчо Седлоски, секретар на РК Прилеп.

Вкупно седум училишни сали се предвидени и може да се очекува кај сите да се играат спортски професионални и аматерски натревари, а големите сали остануваат за – рекреативците.

Loading