СЕНЗОРИ ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ЖИВОТОТ

Христијан Ѓорески развил интелигентен компјутерски систем за помош на стари и болни лица, кој што е прогласен за најдобар на светот
– Со тимот на Одделот за Интелигентни системи при словенечкиот Институт Јожеф Стефан во Шпанија победил со комбинација на точно и брзо препознавање на активности со помош на безжични сензори вшиени во облека.
Прилепчанецот Христијан Ѓорески (26) е истражувач кому ќе му бидат благодарни старите и болните лица затоа што работи на развивање на интелигентен компјутерски систем, кој на повозрасните им овозможува посигурен и полесен живот. Системот не само што е добредојден за ранливите категории, туку од полза може да им биде и на луѓето кои треба физички да се поактивни.
Младиот прилепчанец, кој што се дообразува во Словенија, е дел од екипата на љубљанскиот Институтот Јожеф Стефан (ИЈС) која е победник на овогодинешното трето светско првенство во препознавање на активности EvALL (Evaluating AAL Systems through Competitive Benchmarking). Натпреварот организиран од ЕУ се одржал во јули во Валенсија, Шпанија, а прогласувањето на победникот било на 27-ми септември на AAL Форумот во Норшепинг во Шведска. Христијан Ѓорески, заедно со Симон Козина, Матјаж Гамс и Митја Луштрек од Институтот Јожеф Стефан, постигнале победа со комбинација на точно и брзо препознавање на активности со безжични сензори вшиени во облека и специјално развиен софтвер, достапен на јавноста.
– Апликаците за амбиентална интелигенција се стремат да му понудат на корисникот вистинска услуга во вистинско време, за што прво треба да ја разберат ситуацијата во која тој се наоѓа. Системот е способен автоматски да ги препозава човечките активности, и со тоа овоможува практични апликации како што се: дневна анализа и статистика за лична евиденција, оценување на потрошената енергија во текот на денот, како и детектирање на алармантни ситуации и соодветно известување. Првите две апликации се од особен интерес за здравствена нега на луѓе со здравствени проблеми на кои што им се препорачува поголема физичка активност. Корисниците со помош на системот ќе можат даевидентираат колку биле активни и дали ја исполниле дневната квота на активност. Апликацијата за детекција на алараманти ситуации е посебно интересна за постари луѓе, кои сакаат да продолжат да живеат независно во својот дом без потреба од константна нега или преселување во старечки дом. Со ваквите системи, корисниците добиваат поголема самодоверба и се сигурни дека доколку нешто им се случи (на пример ако паднат или, изгубат свест), системот ќе ги извести најблиските или соодветни служби за нега – објаснува Ѓорески.
ПОДОБРИ ОД АМЕРИКАНЦИТЕ
Конкуренти на натпреварот биле Американци, Јапонци и Руси. Победиле со највисок резултат, подобар дури и од ланското достигнување на амерканскиот универизитет Карнеги Мелон. На финалето, екипите ги инсталирале системите за препознавање на активности во специјална лабараторија, опремена како живеалиште, при што, волонтер – тест личност ги изведувало предходно пропишаните активности. Покрај прецизноста на препознавање, судиите ја оценувале и брзината на препознавање, колку сензорскиот систем е прифатлив од корисникот, како и отвореноста и достапноста на софтверот. Подготовките за натпреварот течеле половина година. Освен сензорите кои се комерцијални, истражувачите целосно го развиле системот, почнувајќи од оригинални алгоритми, па сé до финалното шиење на сензорите во облека.
На одделот за Интелигентни системи на Институтот Јожеф Стефан, каде Христијан Ѓорески е трета година докторски студии, се занимаваат со амбиентална интелегенција. Тоа е дисциплина која вклучува интелигентни компјутерски системи во човековата околина на што е можно подискретен начин.
– Заинтересиран сум за анализа на човечкото однесување и здравје со помош на алгоритми од машинската интелигенција, употребени, пред сé, врз сензорски податоци добиени од сензори прицврстени на човековото тело. Моето истражување се состои од анализа на податоци, добиени од различни видови на сензори и тоа инерцијални сензори, локациски сензори, сензори кои мерат пулс, сензори кои што мерат температура и сл. Анализата на сензорските податоци најчесто се состои од употреба на интелигентни алгоритми, кои ги моделираат сензорските податоци да изведат корисна информација за човекот: препознавање на активности, детекција на аларматни ситуации (паѓање), оценување на потрошена енергија и сл. – вели Ѓорески.
ЧУВАРИ НА СТАРИТЕ ЛИЦА
Во Љубљана, Христијан ги завршил и магистерските студии, откако претходно со висок просек ги завршил студиите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Уште како гимназијалец во “Мирче Ацев” го интересирала информатиката и математиката и неговата иднина и перпектива ја гледал во природно – математичките науки. Во Словенија стигнал случајно, преку како одговор на е-маил (оглас), што бил испратен до Факултетот за електротехника од страна на одделот за Интелигентни Системи.
– Доаѓањето на Институтот Јожеф Стефан, во јуни 2010 година, на почетокот беше дефинирано како двомесечна пракса. Тоа беше беше и тест период да ги покажам моите квалитети. После успешната пракса, во август 2010 год., добив понуда од мојот сегашен ментор, проф. Др. Матјаж Гамс, кој е и шеф на одделот, за продолжување на образованието, најпрвин на магистерски, а потоа и на докторски студии. Студиите се тесно поврзани со научните проекти и истражувањето на институтот. Благодарение на 4-годишните додипломски студии на ФЕИТ, магистерските студии ги завршив за неполна година и веќе во октомври 2011 година продолжив на докторските студии – вели Ѓорески.
Работел на повеќе европски проекти: “Chiron”, чија што цел е создавање на мобилен систем за нега на лица со проблеми со срцето, на проект “Confidence”, за нега на стари лица за создавање на соодветни услови да го продолжи самостојно животниот век во нивните домови. Ангажиран е на словенечкиот проект “еТурист”, чија што цел е создавање апликација – туристички водич во Словенија, која на интелигентен начин предлага туристички атракции прилагодени на корисникот и неговите потреби.
– Во наредниов период се надевам успешно да ги завршам докторските студии и најверојатно би продолжил во истражувачките води. Можеби на почеток би останал на институтот каде што сум, но би ги разгледал и останатите опции, вклучувајќи премин во индустрија (компанија), но во средина, каде би го задржал епитетот на истражувач, т.е. во истражувачки тим на компанијата. Во иднина, би сакал да се вратам во Македонија и да пробам да го пренесам своето знаење во својата татковина – вели Ѓорески.
Добитник е на словенечката стипендија за докторски студенти од странство. Бил стипендист од министерството за образование и наука на Македонија меѓу најдобрите 125 студенти со просек над 9.00, кои студираат на студиските програми по информатика. Добитник е на четири признанија за постигнат особен успех во студиите со просек над 9.5. Учесник бил на бројни натпревари по математика. Освоил бронзен медал на македонската Олимпијада по Математика во 2006 г.

Loading