ОУ “Блаже Конески”
Докажаниот роботичар од ОУ “Блаже Конески”, Давид Лазароски, сега осмоодделенец, со уште четворица соученици, ќе го претставува училиштето, градов и државава во Белград, Србија на седмиот меѓународен “Фестивал на науката”. Под слоганот “Суперхерои на науката”, Давид ќе го “роботизира” штандот на училиштето.
Кога координаторите во апликацијата ги виделе досегашните успеси на одличниот ученик и махер за применета техника, веднаш го примиле за учесник. Давид вели дека заедно со менторите и соучениците ќе го презентира неговото училиште, Прилеп и Македонија. Како претставник на точилското основно, на штандот во Белград, ќе има интерактивна поставка за роботските улоги во реалниот свет. Мајмунот, познат како заштитен знак на Прилеп, ќе “работи” и во главниот град на Србија. Имено, тимот на Давид создал скриена камера во кадифено мајмунче, кое ќе седи на штандот и ќе “си ги гледа бананите” пред него. Ако некој земе банана, мајмунчето е програмирано да го испрска “крадецот”. Името на Македонија ќе се испише со робот што ќе се движи и ќе остава трага.
Иако фестивалот е дури во декември, роботите се програмирани и подготвени за очекуваните посетители. На манифестацијата ќе има доста учесници од средните и основните училишта од регионов. Покрај саемските штандови, ќе бидат демонстрирани трикови на магионичари, , ќе има биолошко шоу, театарски претстави, музичари…