Прилеп го слави 11 Октомври, Денот на востанието
Веќе 72 години живее слободарскиот дух на македонскиот народ втемелен врз жртвите и крвопролевањата започнати од Илинденците, за потоа борците со народноослободителната борба во 1941 година да го донесат слободарското сонце кое сите нé грее. Прилеп е симболот на непокорот, градот во кој на 11 октомври 1941 г. пукнала првата пушка за слободен Прилеп, за слободна Македонија. Со нападот на полициската станица, храбро тргнал народот во бој за ослободување од окупаторскиот јарем. Ниту тогаш, ниту сега не се забораваат имињата на борците кои ги вградија животите на браникот на слободата. Гордо и достоинствено сведочи монументалниот спомен на Паркот на револуцијата и Алејата на народните херои за кои длабока грижа води локалната власт.
Се уреди и реновира Участакот, местото каде тргнала борбата за ослободување. Гордост се и спомен куќата на првоборецот Кузман Јосифовски – Питу, за кого градските челници изградија и достоен паметник.
Прилеп не ја заборава НОБ, а ги негува и одржува спомениците од НОБ за што боречката организација е посебно задоволна. Токму и традиционалното кафе пиење и присетот за настаните од далечната 1941 г. во кабинетот на градоначалникот се доказ дека борците негуваат заемна соработка со таткото на градот Марјан Ристески кој веќе една деценија го води градот во просперитет и напредок.
– Борбата на новите генерации е борба за економски просперитет и евроинтегриран Прилеп. Во секое обраќање за празникот се навраќам на храброста на нашите претци, борците од антифашистичкото и илинденското востание кои ја создадоа самостојна Република Македонија и слободен Прилеп. Генерациите уживаат во придобивките, а борбата продолжува, посебно во ЛС, во наредниот период со агендатата за воздигнување на градот на секое ниво од аспект на инфраструктура, заштитата на животната средина, чистота, уредување на градот, организирање на голем број на културни манифестации, спортско издигнување и, секако, најбитното, економски подем на градот. Во тој контекс, во ДУП-овите и во ГУП-от развиваме индустриски зони, што ги нудиме на потенцијалните инвеститори. Такви се индустриските зони Прилеп 1, Прилеп 2, Прилеп 3 и слободната економска зона. Нé очекуваат инвеститори од земјава, но и од надвор. Наскоро сигурно ќе поставиме темел на некоја голема или мала инвестиција за економски полет, за заживување на градот и пад на невработеноста – вели Ристески.
Свечената програма за одбележување на 11 – Октомври, Денот на востанието, предвидува бројни настани со кои достоинствено ќе се одбележи светлиот датум од историјата на македонскиот народ. Се очекува и Претседателот Ѓорѓе Иванов да присуствува на празникот, Денот на вооруженото востание на македонскиот народ.
ИЗЛОЖБА НА ОПРЕМА И ТЕХНИКА НА АРМ В ЦЕНТАР
Првпат за празникот 11 Октомври, АРМ организира изложба на воена опрема и техника и демонстрација на вештини на единицата за специјални операции во центарот денеска од 11.30 до 17 часот.
– Се претставуваат артилериските орудија, ракетните системи, борбените возила на специјалните единици, возила на пешадијата и интендантските возила. Ќе се паркираат и возилата за врски. Специјалците ќе ги покажат боречките и алпинистичките умештва со демонстрација кај тринаесеткатницата. Ќе дефилираат воените службени кучиња – вели полковник Жарко Ристески, командант на гарнизонот “Мирче Ацев”, потенцирајќи дека АРМ ќе даде поголемо значење на празникот со проектот “АРМ поблиску до граѓаните”.