СОУ “Орде Чопела”
Во СОУ “Орде Чопела” има голем број струки, кои осмоодделенците можат да ги изберат за идна професионална определба. Една од нив е мошне интересната и загатлива, а сепак најмалубројната струка – хортикултурата. Професорката Ружица Јагуриноска објаснува дека е неоправдан митот што хортикултурата ја сведува само на одгледување цвеќиња. Во струката стојат стручни предмети и задолжителна пракса во рамките на училишниот стакленик и кабинетот. Покрај аранжманот на цвеќиња, стандардизирање, селекција и украсување, се изучува агрохемија, подигање и одржување на паркови, партерно уредување, финансиски менаџмент за трошоци, генетика и др. Покрај цвеќињата, обликувањето на дрвата и зелената ограда, во хортикултурната струка се учи и работи и со одгледување на сите видови зеленчук.
Учениците од четврта година, Дејви Урдиноски и Даниела Ѓорческа со бистар ум, не жалат што претендираат да станат стручнаци за хортикултура.
Дејви кажува дека со стекнатата наобразба, веднаш е подготвен да отвори сопствен бизнис или да работи во некоја цвеќарница. Би се рекло дека ова е женска работа. Тоа е погрешно. Повеќето ученици се машки. А, бидејќи сé не се сведува на аранжирање букети, туку има и ангажман со машини, кастрење со пили и подготовка на терен за парк, па машката рака треба да биде и цврста и нежна истовремено.
Хортикултурата í била љубов кон украсните цвеќиња на Даниела. Сериозната посветеност лани í донела награда. Го освоила првото место на државниот натпревар за подготовка на бидермаер во Ресен. Иднината ја гледа во отворање на мал бизнис за производство и дистрибуција на цвеќиња за аранжирање. Кадарот од струката хортикултурен техничар ги отвора вратите и во земјоделските аптеки. Ги совладуваат и потребите на земјоделците кога навраќаат во аптеките по илач или заштита за растенијата што се болни, а ги одгледуваат.
По практичните вежби еднаш неделно во стакленикот и пластениците во рамките на училиштето, учениците на крајот од годината имаат еден месец феријална и професионална пракса.